Општина Касандра воведе итна и привремена забрана за капење на популарната локација Акротири во туристичката населба Пефкохори, лоцирана на првиот крак на Халкидики. Оваа драстична безбедносна мерка доаѓа по ненадејното пукање на главниот цевковод, што предизвика масивно истекување на отпадни фекални води директно во околината.
Како што пренесува грчкиот еминентен медиум „Прототема“, општинските комунални служби веднаш реагирале со излегување на терен каде што експресно го запреле истекувањето, по што веднаш биле спроведени интензивни активности за механичко чистење и комплетна дезинфекција на зафатеното крајбрежно подрачје за да се спречи еколошка катастрофа.
За инцидентот веднаш се известени сите надлежни државни инстанци, вклучувајќи ја Дирекцијата за јавно здравје и Центарот за унапредување на животната средина на регионалната единица Халкидики, кои веќе почнаа со земање мостри од морската вода за детални лабораториски анализи.
Со официјална одлука на заменик-гувернерот на Халкидики, забраната за влегување во морето е воведена во строга зона од 200 метри од двете страни на местото каде што се случи прекинот на цевката. Од локалната самоуправа на Касандра нагласуваат дека рестрикцијата за туристите и капачите ќе остане на сила сè додека не завршат сите микробиолошки испитувања и не се добие официјална потврда дека водата е целосно безбедна за здравјето на луѓето.