На втората меѓународна донаторска конференција за обновата на Појасот Газа беа обезбедени 883,6 милиони евра, соопшти Европската комисија. На конференцијата учествуваа 65 делегации, меѓу кои земји-членки на Европската Унија, партнерски држави, меѓународни и регионални организации, како и финансиски институции.
ЕУ ја покрена Меѓународната иницијатива за Газа
Еврокомесарката за Медитеранот Дубравка Шуица, која беше ко-претседавач на конференцијата, ја претстави Меѓународната иницијатива за Газа, чија цел е координација на донаторите и поддршка на обновата на палестинската енклава, разурната во војната меѓу Израел и Хамас.
„Нашата цел е јасна – да помогнеме во изградбата на надеж, отпорност и подобра иднина за палестинскиот народ“, изјави Шуица.
Таа нагласи дека за испорака на помошта е неопходно да се создадат безбедносни услови на терен.
„Тоа подразбира и разоружување на Хамас“, истакна еврокомесарката.
Обнова на инфраструктурата и основните услуги
Средствата ќе бидат насочени кон обновување на клучната инфраструктура и основните јавни услуги во Газа.
Планот предвидува обнова на водоводната и канализациската мрежа, расчистување на урнатините, реконструкција на здравствениот систем, обновување на енергетската инфраструктура и подобрување на системот за снабдување со храна.
Покрај Европската Унија, на иницијативата досега се приклучија: Обединетото Кралство, Германија, Франција, Италија, Јапонија.
Европската комисија нагласува дека целта е меѓународната помош да биде подобро координирана, да се избегне преклопување на проектите и што побрзо да се постигнат конкретни резултати на терен.
Од Европската комисија потсетуваат дека Европската Унија е најголемиот меѓународен донатор за Палестинците. Од 1994 година до денес, ЕУ обезбедила речиси 30 милијарди евра финансиска помош за палестинските територии, поддржувајќи хуманитарни, инфраструктурни и развојни проекти.