Search

За лицемерието на казината и обложувалниците

“Навечер излегуваат во казина и таму ги минуваат ноќите.  Цените не се многу високи и за 10 -15  евра освен можност за коцкање добиваат и бесплатен пијалок а во некои места и можност нешто да каснат. Често пати тоа се малолетници кои најмногу ги користат услугите на електронските казина кои ги има речиси на секој чекор  Овие казина им изготвувaат пропусници на малолетниците со лажни податоци дека се полнолетни. Очигледна е манипулацијата и криминалот кој го организираат тие. Како по правило, до  казината има сервиси за брзи кредити.”

Ова е извадок од последното истражување за безбедноста на младите во ноќниот живот направено од ХОПС оваа година.

Сведоци сме дека во сите градови во нашава земја на секој чекор има кладилници и казина. Често пати тие се наоѓаат веднаш до основни и средни училишта, а уште почесто до нив никнуват фирми кои нудат брзи кредити, или како популарно ги нарекуваат продавници за пари. Паметни се тие,  знаат каде  треба да се лоцираат овие “продавници”. Кога зависноста од играње ќе стапи на сила тогаш треба да им се “помогне” на луѓето, да им се дадат пари за да ја задоволат својата зависност, без оглед дали станува збор за 18 – годишно дете или возрасен човек. Институциите и граѓанските организации кои нудат помош на лица зависни од психоактивни супстанции истакнуваат дека е зголемен бројот на луѓето кои бараат помош од зависност од коцкање. Во Македонија не постои специјално дизајнирана програма за лекување на зависност од коцкање. Затоа, овие луѓе бараат помош во постоечките програми за лекување на зависност од психоактивни супстанци.Третманот на зависност од коцкање може да биде ист или сличен  како и третманот на зависноста од психоактивните супстанци , но поради одредени специфичности бара постоење на посебна таква програма. Е тука сега доаѓаме до клучната работа. А тоа е лицемерието и лешинарството (нека ми извинат птиците лешинари) на сите оние кои го организираат коцкањето односно обложувањето,  казината и спортските обложувалници во прв ред. Имено, насекаде низ светот спортските обложувалници и казината, значи оние кои заработуваат од зависноста на луѓето, потполно исто како што дилерите заработуваат од зависниците од хероин да кажеме,  ги финансираат програмите за лекување на зависноста од обложување или коцкање и имаат кампањи за превенција од зависност од обложување. Ако влезете во било која спортска обложувалница ќе видите многу информации, постери и брошури за тоа како да препознаете дали сте зависен и каде да се обратите во таков случај. Така е во сите држави без исклучок освен во Македонија. За волја на вистината, во 2014 постоеше заинтересираност од спортските обложувалници да финансираат отворање на ваква програма во Скопје.  Тогаш бев контактиран од страна на Aсоцијацијата на спортските обложувалници (не знам дали се уште постои како тело) во која членуваа сите, или најголемиот дел од спортските обложувалници кои во тој период беа активни во Македонија, со барање  да изработам програма за лекување на лица зависни од обложување. Требаше да се изработи детална програма во која ќе се предвидат сите активности и секако да се предложи и финансиска конструкција. Се согласив тоа да го направам волонтерски и во соработка со еден колега психијатар ја направивме програмата. Спроведувањето на таа програма за лекување на зависност од обложување  на годишно ниво требаше да чини околу 30.000 евра. 

 Ја презентирав програмата на состанокот на директорите на спортските обложувалници, тие рекоа дека им се допаѓа и дека наскоро ќе донесат одлука за да започнат да ја спроведуваат програмата. И така остана. Tоа наскоро трае еве веќе 10 години. Овие спортски обложувалници кои заработуваат милиони евра на годишно ниво не беа спремни да одделат 30.000 евра за да ја финансираат програмата за лекување на зависност од обложување, зависност од која тие живеат.

Редно време е поинаку да се регулира целокупното работење на казината и обложувалниците!

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни