Американско-израелската војна против Иран, што почна на 28 февруари, не донесе политичко слабеење на режимот во Техеран, туку, според анализата на Wall Street Journal, создаде уште потврдокорна и помилитаризирана власт. Наместо отворање простор за поумерено раководство, во врвот на државата сè повеќе се зацврстуваат радикални фигури блиски до Револуционерната гарда.
Во центарот на оваа нова фаза е Мојтаба Хамнеи, синот на убиениот врховен лидер Али Хамнеи, кого Wall Street Journal го опишува како симбол на новата, построга ера во Иран. Анализата наведува дека неговото доаѓање на врвот е придружено со уште посилна улога на воените и безбедносните структури, како и со засилена идеолошка линија што остава многу малку простор за политички компромис, и внатре во земјата и кон надвор.
Според текстот, САД и Израел сметале дека елиминацијата на врвни ирански функционери може да отвори пат за промена на режимот или барем за раководство што би било поподготвено за договор. Но наместо тоа, вакумот го пополниле уште порадикални кругови. Поранешниот шеф на иранското одделение во израелското воено разузнавање Дени Цитринович за Wall Street Journal вели дека „војната го смени режимот, и тоа не на добар начин“, додавајќи дека е создадена реалност полоша од онаа со која Иран се соочувал пред војната.
Во анализата се посочува и дека тврдокорните струи сега имаат посилна контрола врз политичкиот и воениот врв, охрабрени од војната и од религиозно-идеолошки наративи што дополнително ја туркаат земјата кон поостар курс. Wall Street Journal оценува дека ваквиот развој ги намалува шансите за внатрешна либерализација и за дипломатско омекнување на Иран во блиска иднина.