Кога Microsoft ги воведе виџетите во Windows 11 во 2021 година, идејата беше корисниците да добијат брз пристап до информации како временска прогноза, календар, берзански индекси и вести.
Но, во пракса, оваа функција стана една од почесто критикуваните во системот. Наместо едноставни и корисни информации, корисниците добија панел што често се отвора ненамерно, испраќа постојани известувања и прикажува содржина од MSN фидот што многумина ја сметаат за неквалитетна и наметлива.
Токму затоа дел од корисниците со години бараат Microsoft да го врати поедноставниот пристап од Windows 7 или да понуди решение слично на виџетите во macOS, каде корисникот има поголема контрола врз тоа што се прикажува и кога.
Сега Microsoft најавува промени. Во најновите прегледни верзии на Windows 11, компанијата најави своевидно „пролетно чистење“ на виџетите. Во објаснувањето практично признава дека досегашното искуство било премногу наметливо и дека виџетите често го одвлекувале вниманието на корисниците.
Новите измени треба да ги намалат неочекуваните известувања и визуелните елементи што го прекинуваат корисникот додека работи. Тоа значи дека виџетите во иднина треба да бидат помалку агресивни и помалку присутни во секојдневното користење на Windows 11.
Сепак, Microsoft не ги отстранува целосно значките од таскбарот, ниту News Feed-от. Корисниците и понатаму ќе можат сами да ги вклучат овие функции, но по основните поставки виџетите треба да бидат помалку забележливи и помалку досадни.
И сегашната верзија на Windows 11 дозволува исклучување на News Feed-от и опцијата за автоматско отворање при поставување на курсорот, но тоа бара рачно прилагодување. Новиот пристап треба да го направи системот попријатен без корисникот сам да мора да бара каде да ги исклучи најдосадните делови.
Промените кај Windows виџетите се дел од поширок обид на Microsoft да го подобри корисничкото искуство во Windows 11 и да врати дел од довербата кај корисниците. Во последниот период компанијата воведува повеќе измени што се насочени кон практичност, помалку наметнување и поголема контрола за корисникот.