WhatsApp најави четири нови функции со кои треба да им го олесни следењето на пораките и споделувањето информации во групните разговори. Меѓу новините се групни статуси, можност за трајно прикачување важни пораки и опција за споделување на дел од историјата на разговорот со членови што веќе се приклучиле во групата.
Новите функции постепено ќе им стануваат достапни на корисниците на Андроид и iOS, а нивното воведување се очекува да биде завршено во следните неколку недели.
Групни статуси што ги гледаат само членовите
Една од поинтересните новини е функцијата „Групен статус“ (Group Status), која ќе им овозможи на членовите да објавуваат статуси видливи исклучиво за луѓето во конкретната група. Тие ќе можат да ги прегледуваат објавите, да реагираат на нив и самите да споделуваат содржини.
Како и кај вообичаените статуси на WhatsApp, објавите автоматски ќе исчезнуваат по 24 часа. Функцијата може да биде корисна за споделување информации и содржини наменети само за членовите на одредена група.
Новите членови ќе можат да ја добијат историјата на разговорот и подоцна
WhatsApp ја проширува и можноста за споделување на претходните пораки со новите членови на групата. Досега тоа можеше да се направи при додавањето на нов член, но со новата опција ќе биде можно и подоцна, откако лицето веќе ќе се приклучи на разговорот.
За да се споделат пораките, доволно ќе биде да се допре името на новиот член во групниот разговор, по што ќе може да му се испратат неодамнешните пораки. Така, новите учесници полесно ќе можат да дознаат што било договорено претходно, без другите членови повторно да им ги објаснуваат сите детали.
Важните пораки ќе можат да останат прикачени засекогаш
Досега корисниците можеа да изберат дали прикачената порака ќе остане истакната 24 часа, седум или 30 дена. Сега WhatsApp воведува и можност за трајно прикачување, без временско ограничување.
Ова може да биде особено практично за групи во кои често се споделуваат адреси, договори, упатства и други важни информации. Наместо постојано да се бараат низ разговорот, тие ќе останат видливи на врвот на групата.
Полесно пронаоѓање пораки во кои сте споменати
Четвртата новина е филтер што ќе ги издвојува сите непрочитани групни разговори во кои корисникот бил директно споменат или некој одговорил на негова порака. Филтерот ќе ги опфаќа и пораките со ознаката @all, со која истовремено се споменуваат сите членови на групата.
На овој начин корисниците полесно ќе ги пронаоѓаат пораките што се однесуваат на нив, без да мора да ги прегледуваат сите непрочитани разговори. Функцијата е наменета да го намали ризикот важна порака или прашање да остане незабележано во активните групи.
