Повеќе од 54,7 милиони Американци веќе го искористиле правото на глас на изборите за Конгресот на САД, иако официјалниот изборен ден е утре. Раното гласање се одвива и лично, на избирачките места, и преку пошта, објави Си-ен-ен.
Според податоците, во повеќе сојузни држави каде што се очекува неизвесна изборна трка, бројот на предвремени гласови веќе го надминал оној регистриран на изборите пред четири години.
Околу 210 милиони Американци имаат право на глас
Право на глас на изборите закажани за утре имаат околу 210 милиони Американци. Станува збор за таканаречените меѓуизбори, кои традиционално се одржуваат на половина од мандатот на актуелниот претседател на САД.
На овие избори се гласа за составот на Конгресот, а резултатите ќе ја одредат распределбата на политичката моќ во американскиот законодавен дом во преостанатиот дел од претседателскиот мандат.
