WSJ: Обединетите Арапски Емирати тајно го нападнале Иран

Според The Wall Street Journal, Обединетите Арапски Емирати извеле тајни воени удари врз Иран, вклучително и напад на рафинерија на островот Лаван, со што директно се вклучиле во конфликтот.

Обединетите Арапски Емирати извеле тајни воени удари врз Иран и со тоа од потенцијална цел станале директен учесник во конфликтот, објави The Wall Street Journal, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата. Според весникот, со овој потег заливската монархија се позиционирала како активен актер во војната, иако досега била една од главните цели на иранските напади.

Напад врз рафинерија на островот Лаван

Како што наведува WSJ, ударите кои Емиратите јавно не ги признале вклучувале напад врз рафинерија на иранскиот остров Лаван во Персискиот Залив. Нападот се случил на почетокот на април, во период кога тогашниот американски претседател Доналд Трамп најавуваше прекин на огнот по петнеделната воздушна кампања.

Според извори блиски до случувањата, во нападот избувнал голем пожар, а значителен дел од капацитетот на рафинеријата со месеци бил надвор од функција.

Иран тогаш соопшти дека рафинеријата била погодена во „непријателски напад“, по што започнал серија ракетни и дронски напади врз Обединетите Арапски Емирати и Кувајт. Според информациите на WSJ, Емиратите досега биле цел на повеќе од 2.800 ирански дронови и проектили, што е повеќе од која било друга држава, вклучително и Израел.

Овие информации дополнително ги зголемуваат стравувањата дека конфликтот на Блискиот Исток постепено се претвора во поширока регионална војна, во која сè повеќе држави директно се вклучуваат во воените операции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс