Хрватската црква објави „Католичка спајалица“, апликација за дејтинг со верски вредности и предбрачна чистота

Бесплатната платформа во Хрватска бара сериозни намери, семејни планови и одговори за верскиот живот наместо брз изглед.

Верниците во Хрватска добија нова дигитална адреса за запознавање наречена „Католичка спајалица“, бесплатна интернет-платформа наменета за луѓе кои бараат животен партнер со исти религиозни убедувања. Наместо класично прелистување фотографии познато од глобалните апликации, овој сервис става фокус на бракот, семејството и моралните ставови, отворајќи прашања за животот во предбрачна чистота уште при самото пополнување на корисничкиот профил, пишува Индекс.

За разлика од популарните сервиси како Тиндер каде одлуката се носи за секунда врз основа на визуелниот впечаток, регистрацијата на оваа хрватска страница бара детално пополнување формулар. Платформата е првенствено насочена кон корисниците од хрватското говорно подрачје, но технички е отворена за пристап од целиот свет.

Корисниците уште на самиот старт мора јасно да дефинираат што бараат од односот. Иако фокусот е ставен на црковниот брак и традиционалните семејни вредности, понудени се и опции за пријателство, сериозна врска, духовно поврзување или само обично допишување.

Главната содржинска разлика во однос на комерцијалните платформи лежи во задолжителните прашања за религиозната практика. Корисниците одговараат колку им е важна верата во секојдневниот живот, дали сакаат деца, како го замислуваат бракот и дали инсистираат на одење во предбрачна чистота.


Покрај духовните критериуми, формуларот содржи и стандардни прашања за физичкиот изглед, степенот на образование, професијата и висината на личните приходи. Овие податоци служат како филтер за поврзување профили со речиси идентични животни очекувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс