Црвен тепих за Вучиќ во Пекинг, Србија и Кина најавуваат нови договори

Српскиот претседател беше пречекан со свечена церемонија во Големиот дом на народот, по што следуваат разговори со кинескиот лидер и потпишување повеќе договори.
Foto: Srceenshot

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска пристигна во Големиот дом на народот во Пекинг, каде беше пречекан од кинескиот претседател Си Џинпинг и неговата сопруга Пенг Лијуан.

За Вучиќ и неговата сопруга Тамара беше организирана свечена церемонија со црвен тепих, почесна гарда и интонирање на химните на Србија и Кина. На пречекот присуствувале и деца со цвеќе и знамиња на двете земји.

По церемонијата следуваат разговори меѓу Вучиќ и Си, најпрво во поширок формат со делегациите, а потоа и одвоен состанок на двајцата лидери. Според најавите, по средбите треба да бидат потпишани повеќе договори.

Во српската делегација се министерот за финансии Синиша Мали, министерот за одбрана Братислав Гашиќ, министерката за трговија Јагода Лазаревиќ, министерката за привреда Адријана Месаровиќ и директорот на Канцеларијата за ИТ и е-управа Михаило Јовановиќ.

Посетата доаѓа во период кога Србија ги продлабочува односите со Кина, особено во економијата, инфраструктурата, технологијата и трговијата. Вучиќ претходно ја оцени посетата како една од најважните во неговата политичка кариера, нагласувајќи дека Белград и Пекинг градат односи што Србија ги смета за стратешки важни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс