Температурите во Македонија продолжуваат забрзано да растат. Според најновите податоци на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), уште во 11:00 часот во повеќе делови од земјата беа измерени над 30 степени Целзиусови. Најтопло е во Гевгелија, каде што се измерени 31,6 степени, додека 31 степен се регистрирани во Демир Капија и на мерната станица Зајчев Рид во Скопје.
Веднаш зад нив се Велес со 30,9 степени, Штип со 30,5, како и Виница и Кавадарци, каде што се измерени по 30,4 степени. Точно 30 степени се измерени во Струмица и на мерната станица Скопје-Петровец.
Во останатиот дел од земјата температурите се нешто пониски. Тетово, Крива Паланка и Прилеп бележат 28,3 степени, Тополчани 27, Пожаране 26,3, Берово 25,6, Маврови Анови 25,5, а Радовиш-Пожар 25,3 степени. Најпријатно претпладнево е во туристичките и планинските места. Во Охрид се измерени 25,2 степени, во Претор 24,2, во Крушево 22,9, додека Попова Шапка останува најсвежото место во земјава со само 18 степени.
Според прогнозите, температурите во текот на денот дополнително ќе растат, па во повеќе региони се очекуваат максимални вредности над 40 степени, поради што надлежните препорачуваат избегнување престој на отворено во најтоплиот дел од денот, внесување повеќе течности и посебна грижа за децата, повозрасните и хронично болните лица.