Семос Едукација и MKJOB им помагаат на младите полесно да стигнат до првата работа

Семос Едукација и MKJOB започнаа партнерство со цел да им обезбедат на студентите и младите професионалци подобра подготовка за пазарот на трудот. Првата заедничка активност ќе се реализира на 16 јули во рамките на Career Connect 2026, каде учесниците ќе добијат практични совети и кариерни алатки.

Семос Едукација и MKJOB, AI платформа за вработување во Македонија, потпишаа договор за соработка со кој ќе им овозможат на младите полесен пристап до можности за вработување, современи кариерни алатки и информации за барањата на актуелниот пазар на трудот.

Новото партнерство е насочено кон подобра подготовка на студентите и младите професионалци за почеток и развој на нивните кариери, преку запознавање со вештините што ги бараат работодавачите, практични насоки за барање работа и примена на дигитални алатки во процесот на професионално усовршување.

Од Семос Едукација посочуваат дека стекнувањето знаење не е единствениот чекор кон успешна кариера, туку е важно младите да знаат како своите компетенции да ги претстават пред работодавачите и полесно да го направат првиот професионален чекор.

Првата заедничка активност ќе се одржи на 16 јули 2026 година, во рамките на традиционалниот настан Career Connect 2026, наменет за алумни заедницата на Семос Едукација.

Во рамките на настанот, претставници на MKJOB ќе презентираат анализа на повеќе од 1.200 огласи за вработување, со посебен фокус на најбараните вештини и компетенции кај кандидатите во 2026 година. Дополнително, ќе учествуваат и на панел дискусијата „Што очекуваат работодавачите од кандидатите за почетни позиции?“, каде ќе бидат споделени искуства од компаниите и совети за поуспешно претставување при вработување.

Како дел од Career Platform Lab, учесниците ќе имаат можност практично да работат на креирање свое прво CV, да се запознаат со AI алатките интегрирани во платформата MKJOB и да изградат професионален профил.

Платформата MKJOB преку веб и мобилна апликација овозможува креирање профил, пристап до препорачани огласи за работа, поголема видливост пред работодавачите и користење различни кариерни ресурси.

Со ова партнерство двете организации имаат цел да создадат подобра поврзаност меѓу образованието и потребите на компаниите, како и да им помогнат на младите полесно да ги претворат своите знаења и вештини во професионални можности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс