Вонредни избори на Косово: Отворени избирачките места, над два милиона гласачи избираат нов парламент

На Косово денеска се одржуваат вонредни парламентарни избори, трети во последните 18 месеци. Право на глас имаат повеќе од два милиона граѓани, а во трката учествуваат 17 партии, три коалиции и еден независен кандидат.

На Косово денеска се одржуваат вонредни парламентарни избори за состав на парламентот, откако институциите не успеаја да изберат претседател во рокот утврден од Уставниот суд, што доведе до распуштање на Собранието и распишување нови избори.

Избирачките места беа отворени во 7 часот, а гласањето ќе трае до 19 часот. Според податоците на Централната изборна комисија, право на глас имаат околу 2,1 милион избирачи, од кои значителен број се регистрирани во дијаспората.За изборите се отворени 949 избирачки центри со повеќе од 2.500 гласачки места низ целата територија на Косово.

Во изборната трка учествуваат 17 политички партии, три коалиции и еден независен кандидат, кои ќе се натпреваруваат за 120 места во парламентот. Меѓу учесниците е и најголемата српска политичка партија на Косово – Српска листа.

Според аналитичарите, најголеми шанси за победа повторно има движењето Ветевендосје на премиерот Албин Курти, но се очекува и по овие избори да бидат неопходни коалициски договори за формирање стабилно мнозинство и избор на нов претседател. Ова се трети парламентарни избори на Косово во последните 18 месеци, што дополнително ја нагласува продолжената политичка криза и институционалниот застој во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс