Волците од ЗОО Скопје чувани во слабо обезбеден простор

Волците ископале под оградата и излегле од просторот во кој биле сместени, а потоа напднале кенгури и ему птици

Вчера во јавноста излезе информација дека бели волци од скопската ЗОО избегале од живеалиштата и нападнале и усмртиле кенгури и ему птици.

Денеска, се појави снимка од живеалиштето на белите волци во Зоолошката градина во Скопје отвора сериозни сомнежи за безбедносните услови во кои биле чувани дивите животни.

На видеото објавено од здружението „Анима мунди“ се гледа метална жичена ограда, искинат текстилен материјал и камен поставен на долниот дел како импровизирана заштита.

Според досега објавените информации, волците ископале под оградата и излегле од просторот во кој биле сместени. На вработените им биле потребни неколку часа за да ги пронајдат и да ги вратат во живеалиштето.

На видеото се гледа како волците ги протнуваат шепите низ оштетениот материјал поставен под металната ограда. Тоа отвора прашање дали просторот воопшто ги исполнувал минималните стандарди за чување предатори и спречување нивно бегство.

„Под ваква ограда бега куче со 15 минути копање, а не волк“, реагираа од „Анима мунди“, оценувајќи дека безбедноста на дивите животни не смее да се заснова врз импровизација и среќа.

Денес, 24 часа по појавата на информацијата за инцидентот, се уште нема ниту потврда ниту демант од раководството на ЗОО Скопје

е-Трн да боцка во твојот инбокс