Војната стигна до Москва: Дронови, пожари и страв – жителите првпат ја чувствуваат цената на конфликтот

Украинските напади со дронови сè почесто ја погодуваат Москва. Пожари во рафинерии, оштетени домови, недостиг од гориво и растечка вознемиреност меѓу жителите ја менуваат секојдневната реалност во рускиот главен град.

Москва, која со години беше далеку од директните последици на војната во Украина, сега сè почесто се соочува со напади од украински беспилотни летала. Жителите сведочат за ноќни експлозии, пожари во индустриски објекти и страв што постепено станува дел од нивното секојдневие. Според анализа на „Фајненшл тајмс“, украинската кампања со дронови значително се засилила во последните месеци, а една од главните цели станале нафтените рафинерии и енергетската инфраструктура околу руската престолнина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно порача дека „ако гори Украина, ќе гори и Москва“, најавувајќи поинтензивни напади како одговор на руските воздушни удари.

Во март руските власти соопштија дека противвоздушната одбрана пресретнала околу 250 дронови за два дена, додека на 18 јуни бил регистриран нов рекорд кога, според официјалните информации, биле соборени 180 дронови за само еден ден.

Жителите на Москва велат дека најголем проблем е тоа што предупредувањата често пристигнуваат предоцна. Многумина раскажуваат дека експлозиите ги разбудиле среде ноќ, по што се засолнувале во ходници, подруми и гаражи, без претходно известување од властите. Покрај стравот, нападите почнуваат да имаат и економски последици. Големиот пожар во една од најважните московски рафинерии предизвика проблеми во снабдувањето со гориво, а на социјалните мрежи се појавија снимки од автомобили покриени со црни масни честички, кои жителите ги нарекоа „нафтен дожд“. Еколозите предупредуваат дека согорувањето на големи количества гориво може да создаде опасни честички во воздухот, особено ризични за чувствителните категории граѓани.

Пожарот се проширил и на големиот трговски комплекс „Садовод“, каде што биле уништени бројни продавници и стока вредна милиони рубљи. Сопствениците сведочат дека за неколку часа останале без сè што граделе со години.

Иако расте незадоволството кај дел од московјаните, аналитичарите сметаат дека тоа засега нема да влијае врз политиката на Кремљ. Политикологот Андреј Колесников оценува дека нападите стануваат „нова реалност“ за жителите на Москва, додека претседателот Владимир Путин тврди дека целта на украинските напади е да се создаде паника и да се поткопа довербата во руската власт. Според експертите, зачестените удари покажуваат дека украинските беспилотни летала сè почесто успеваат да стигнат до стратешки цели во руската престолнина, отворајќи нова фаза во војната во која и Москва сè поочигледно ги чувствува последиците од конфликтот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс