Вселенската сонда „Војаџер 1“ достигна уште една историска пресвртница: според најновите процени на НАСА, леталото сега се наоѓа на оддалеченост од еден светлосен ден од Земјата. Светлосен ден е растојанието што светлината го поминува за 24 часа. Бидејќи радиобрановите патуваат со иста брзина, комуникацијата со сондата станува вистински тест за трпение. За да стигне обична команда од Земјата до леталото, потребни се цели 24 часа, а за сигналот да се врати назад се потребни уште толку.
Раководителот на мисијата „Војаџер“, Карим Бадарудин, не го криеше воодушевувањето од достигнувањето на оваа децениска технологија. Тој изјави дека вакво нешто досега не се случило и веројатно никогаш повеќе нема да се повтори, опишувајќи го настанот како исклучителен.
Патување што сè уште не завршува
„Војаџер 1“ е дел од амбициозната програма на НАСА за истражување на Сончевиот Систем, но и на просторот далеку зад неговите граници. Сондата беше лансирана само 16 дена по својот близнак „Војаџер 2“, а во меѓуѕвездениот простор навлезе во 2012 година.
Во текот на децениите поминати во вселената, леталото се соочи со бројни технички проблеми. НАСА постепено исклучуваше одредени функции и системи за да го продолжи неговиот работен век, и покрај стареењето на опремата и намалувањето на количината плутониум во генераторот што го напојува.
По 49 години, два месеца и 11 дена патување, „Војаџер 1“ се наоѓа на оддалеченост од околу 16 милијарди милји од Земјата. Следната голема цел на неговото патување е ѕвездата Глизе 445, која се наоѓа на околу 17 светлосни години од нас, во соѕвездието Мала Мечка. Иако тоа во космички размери не изгледа како особено големо растојание, ќе поминат околу 40.000 години пред „Војаџер 1“ да ѝ се приближи на 1,7 светлосни години.
Мисијата, започната во 1977 година, така продолжува да испраќа сигнали од едно од најоддалечените места до кои стигнало човечко дело. Сондата и понатаму патува низ меѓуѕвездениот простор, додека секоја комуникација со Земјата бара сè повеќе време.
