„Водопад меѓу две раце“: ученици ја пресоздаваат „Дениција“ на свој јазик

Во ООУ „Војдан Чернодрински“ вечерва ќе биде промовирана збирката песни и писма создадена од членовите на клубот „Млади библиотекари“, инспирирана од поезијата на Петре М. Андреевски.

Во спортската сала на ООУ „Војдан Чернодрински“ во Скопје, денеска, 26 мај, со почеток во 18:30 часот, ќе биде промовирана збирката „Водопад меѓу две раце“, составена од песни и писма напишани од членовите на училишниот клуб „Млади библиотекари“.

Збирката е создадена под менторство на Дијана Петкова, а е објавена во издание на ПНВ Публикации. На промоцијата за книгата ќе говори проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, стихови ќе читаат актерката Христина Цветаноска и учесниците во проектот, а модераторка на настанот ќе биде Јулијана Величковска.

Учениците во дијалог со „Дениција“

Проектот „Водопад меѓу две раце“ е инспириран од поетската збирка „Дениција“ на Петре М. Андреевски. Реализиран е во учебната 2024/2025 година и претставува придонес во одбележувањето на 90 години од раѓањето на еден од најзначајните македонски писатели.

Песните во збирката се пресоздавање на песните за Дениција од истоимената збирка на Андреевски, но видени низ чувствителноста, јазикот и имагинацијата на учениците. Наместо класично читање и анализа, проектот ги внесува младите автори во жив дијалог со поезијата, таму каде што литературата не се учи само како лектира, туку се продолжува со сопствен глас.

51 песна и 16 писма во три циклуси

Збирката содржи 51 песна и 16 писма, поделени во три циклуса. Во првиот циклус, „Капе светлина“, песните се создадени со користење на техниката затемнување на околниот текст. Во вториот циклус, „Светлосни преѓи/Постојана убавина“, учениците работеле со техниката книжевен колаж. Третиот циклус, „Писмо до сакана личност“, произлегува од техниката писмо до себеси, по што секој учесник напишал писмо до сакана личност.

Овој проект покажува како училишната библиотека може да биде повеќе од простор за позајмување книги. Таа може да стане работилница за читање, пишување, чувствување и создавање, особено кога класиката ќе им се отвори на учениците како материјал што може да се допре, пресоздаде и продолжи.

Средствата од продажбата на книгата ќе бидат наменети за набавка на новите лектирни изданија за учебната 2026/2027 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс