Водич за лето во Македонија, од Охрид до најскриените природни бисери

Додека најчесто туристичките мапи се свртени кон Грција, Хрватска и Албанија, Македонија и понатаму останува надвор од главните туристички рути. Со три езера, пет национални паркови, антички градови, вински региони и кањони кои одземаат здив, земјава нуди најразновидните летни искуства на Балканот. Македонија останува една од последните неоткриени земји во Европа, природен рај на планини, езера и реки каде животот тече со поинаков ритам, меѓу историски урнатини и идилични села кои останале речиси непроменети со векови. Ова е водич за оние кои сакаат да ја доживеат, а не само да ја поминат.

Охрид: Сè уште задолжителен, но не и единствен

Охрид е точката од која почнуваат речиси сите патувања низ Македонија и со добра причина. За земјата без излез на море, Охридското Езеро е најблиску до она што би можело да се нарече ривиера, со мали плажи по рабовите на ова длабоко, старо езеро. Заливот на Коските е реконструкција на праисториска населба изградена над Охридското Езеро, датирана повеќе од 3.000 години наназад. Наколната населба вклучува реплики на 24 праисториски куќи над водата кои можат да се истражуваат, а можно е и да се нурка околу локалитетот.

Но Охрид во јули и август е полн. Ако го сакате без гужва, дојдете во јуни или септември.

Матка: Кањонот на 15 минути од Скопје кој изгледа нереално

Кањонот Матка крие ретки растителни видови, прекрасни предели, пештери, средновековни манастири и разновидна флора и фауна. А сепак, повеќето туристи го посетуваат само за еден час и заминуваат. Кајакањето во Кањонот Матка нуди уникатен начин да се доживеат драматичните карпи и средновековните манастири од близу. Чамецот кој оди до пештерата Врело, една од најдлабоките подводни пештери во светот со над 200 метри длабочина, чини неколку евра и е едно од оние искуства кои не изгледаат вистинити додека не ги доживееш.

Еден посетител напишал: „Не ми беа доволни зборовите да го опишам Матка. Пештерите, карпите, тишината, сè изгледаше нереално. Го посетив со друштво и сите беа воодушевени.”

Пештери: Подземниот свет на Македонија

Македонија е земја богата со карстни формации и пештерски системи кои се меѓу најмалку истражените туристички вредности на земјата. Покрај пештерата Врело во Матка, посебно место заслужува пештерата Слатински Извор кај Македонски Брод, со подземна река и формации кои изгледаат како сцена од фантастичен филм.

Националниот парк Маврово крие пештерски системи кои сè уште не се целосно истражени, а достапните делови нудат незаборавно искуство за љубителите на спелеологијата. Пештерата Убавица кај Прилеп е уште еден скриен скапоцен камен, со богати сталактити и сталагмити во слабо посетен предел.

Водопади: Белата вода на Македонија

Македонија не се поврзува со водопади во туристичките водичи, но земјата крие десетина впечатливи водопади, особено на југоистокот од земјата. Водопадите Колешино и Смоларе кај Струмица се меѓу најубавите во земјата и заслужуваат значително повеќе внимание отколку што добиваат. Смоларски Водопад, висок 39 метри, е највисокиот водопад во Македонија и е достапен по кратка пешачка патека низ букова шума. Колесинскиот Водопад, со своите мермерни карпи низ кои се слева водата, изгледа како да е извлечен од некоја тропска дестинација.

Водопадот Дуф во Националниот парк Маврово, сместен во длабока клисура над селото Ростуше, е уште едно место кое речиси никој не го споменува, а секој кој ќе го посети ветува дека ќе се врати.

Параглајдинг: Македонија од птичја перспектива

За оние кои сакаат да ја видат Македонија одозгора, параглајдингот е брзо растечка активност со неколку одлични локации низ земјата. Тандем параглајдингот над Охридското Езеро е ултимативно искуство, каде пилоти експерти те носат над крајбрежјето и езерото со панорамски поглед кој не заборавуваш. Стартна точка е брдото над градот, а летот трае меѓу 15 и 30 минути во зависност од временските услови.

Параглајдингот во живописниот Национален парк Маврово е уште еден избор за адреналинџии, со поглед кон врвовите и долините на западна Македонија. Попова Шапка над Тетово е трета локација, особено активна во летниот период, со организирани тандем летови и курсеви за почетници.

Еден домашен посетител коментирал: „Летав тандем над Охрид и буквално заплакав. Не од страв, туку затоа што Македонија одозгора изгледа поубаво отколку на која и да е фотографија.”

Адреналин: Рафтинг, кајак и планинско велосипедство

Рафтингот на реката Радика во Националниот парк Маврово е широко избрана активност за авантуристите, со брзаци кои задоволуваат и искусни рафтери. Македонија нуди илјадници километри офроуд патеки, крос-кантри траси и земјени патеки за планинско велосипедство, совршени и за почетници и за искусни возачи. Регионот на Шар Планина е особено популарен меѓу велосипедистите кои бараат технички терен со панорамски погледи.

За нуркање, Охридското Езеро е едно од ретките места во Европа каде може да се нурка до антички локалитети, со видливост до 20 метри поради исклучителната чистота на водата.

Виното: Скриената приказна на Македонија

Македонија има три винарски региони и произведува одлични вина од своите 55.000 акри лозја. Тоа е факт кој повеќето туристи го дознаваат дури откако ќе стигнат, а потоа жалат дека не посветиле повеќе време.

Демир Капија е помалку познато, но вистинско откритие на винскиот пат на Македонија. Покрај своето значење за виното, оваа област е рај за авантуристи заинтересирани за пешачење, планинарење и кајакање. Хотелот Попова Кула нуди сместување меѓу лозјата, дегустации и ресторан со 360-степени поглед. Еден македонски турист по вински тур напишал: „Не знаев дека нашето вино е толку добро додека не го пробав со правилно јадење во вистинска визба. Тиквеш, Стоби, Попова Кула, секоја визба е свој свет.”

Рурален туризам: Местата кои не се на Google Maps

Сепак, вистинската Македонија не е во градовите. Таа е во Галичник, каде свадбата која се одржува секоја година на Петровден е еден од најавтентичните народни настани на Балканот и во Јанче, мало мијачко село над реката Радика каде домаќинствата нудат сместување и домашна храна. Потоа во Елшани покрај Охрид, тивко рибарско село на десетина минути возење кое изгледа дека времето го заобиколило.

Вила Дихово, сместена во подножјето на Националниот парк Пелистер, надвор од Битола, е едно од највозљубените скриени скапоцени камења во Македонија. Мало семејно домаќинство со градина, домашна ракија и погледи на планината, тоа е она за кое луѓето се враќаат повторно.

Алтернативно сместување: Надвор од хотелите

Македонија нуди сè поразновиден избор на алтернативно сместување за оние кои сакаат нешто поавтентично од стандарден хотел. Семејните пансиони и сместување во руралните средини се вистинскиот начин да се доживее земјата. Домаќинот ти подготвува појадок со домашни производи, те насочува кон места кои не се во ниту еден водич и честопати нуди домашна ракија без дополнителна наплата.

Еко-кампови и глемпинг локации покрај езерата и во планинските предели се нова и брзо растечка опција. Покрај Охрид и Преспанското Езеро постојат организирани кампинг простори со основни услуги, додека во Маврово и на Шар Планина се развиваат глемпинг локации со тендови опремени со вистински кревети и огниште.

Хотелот Бистра во Националниот парк Маврово и Вила Дихово кај Битола се меѓу најпознатите рурални сместувачки опции, а виниот хотел Попова Кула во Демир Капија нуди уникатно искуство на сместување директно во винарија. За авантуристите, планинарските домови на патеките низ Шар Планина, Маврово и Пелистер нудат базично но незаборавно искуство по цена која не оптоварува.

Хиден џемс: Местата кои заслужуваат повеќе внимание

Кокино е мегалитска опсерваторија датирана во 1800 година пред нашата ера, рангирана од НАСА меѓу четирите најстари астрономски набљудувалишта во светот. Наоѓа се над Куманово и е речиси секогаш без туристи.

Тиквешко Езеро е вештачко езеро кое ниту еден водич не го споменува, со мал брод кој те носи до средновековниот Пологски Манастир сместен директно на водата.

Крушево е највисокиот град на Балканот на 1.350 метри надморска висина, со добро зачувана возрожденска архитектура и погледи кои одземаат здив.

Маркови Кули кај Прилеп се средновековна тврдина на карпи кои изгледаат дека некој ги наредил со рака. Рангирани со 4,6 на TripAdvisor, со само неколку стотини посетители годишно.

Еден домашен туристи напишал на социјалните мрежи: „Живеам во Македонија 30 години и дури оваа година ги видов Маркови Кули. Срам ме е. Одете таму. Веднаш.”

Практични совети за ова лето

Најдобро време е јуни и почетокот на јули пред врвниот август, и септември кога Охрид се испразнува, природата добива есенски тонови и винскиот регион нуди бербени тури. Транспортот меѓу градовите е со автобус: линиите Скопје-Охрид, Скопје-Битола и Скопје-Штип се редовни. За руралните места, изнајмување автомобил е наједноставно. Мобилниот интернет функционира низ целата земја.

Македонија не е дестинација за Instagram, туку дестинација за оние кои сакаат да доживеат нешто вистинско, со сопствен темпо, без компромис на квалитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс