Калас: Русија ги повторува барањата од 2021 година за да ја продолжи војната

Шефицата на европската дипломатија побара прво прекин на огнот во Украина и предупреди дека Москва не смее да добива отстапки без да преземе обврски
Фото: ЕУ

Русија повторно ги изнесува барањата што ги поставуваше пред целосната инвазија врз Украина во 2022 година и додава нови услови, оцени високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас пред денешниот состанок на европските министри во Брисел.

Според неа, како што списокот од 2021 година служел како изговор за започнување војна, сегашните барања се изговор за нејзино продолжување. Калас порача дека приоритет мора да биде прекин на огнот, пред разговорите за пошироката европска безбедност.

Калас бара конкретни отстапки од Москва

Калас ги оцени руските услови како „апсурдни“ и предупреди на преговарачка тактика во која Москва поставува максимални барања, а потоа нивното делумно повлекување го претставува како компромис.

Таа нагласи дека ЕУ има средства за притисок, вклучувајќи ги санкциите и замрзнатите руски средства, и дека не треба да прави отстапки без да добие нешто за возврат. Потврди и дека европските позиции што се разгледуваат вклучуваат повлекување на руските сили од други држави, меѓу кои Молдавија и Грузија.

Предупредувањето доаѓа во време кога европските министри настојуваат да го задржат фокусот врз поддршката за Украина пред зимата. Во нивните реакции доминира загриженоста дека пошироките безбедносни разговори би можеле да го одвлечат вниманието од продолжувањето на нападите врз украинската инфраструктура.


Европските лидери договорија во идните разговори Европа да биде претставувана преку Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Полска и институциите на ЕУ. Министрите, сепак, нагласуваат дека учеството во преговорите мора да биде придружено со јасни барања за прекин на војната и гаранции за траен мир

е-Трн да боцка во твојот инбокс