Пресврт на Парламентарните избори во Франција

Француските гласачи ја отфрлија крајната десница

Откако заврши на првото место во воведниот круг на парламентарните избори во Франција, екстремно десничарскиот Национален собир на Ле Пен не само што не успеа да обезбеди целосно мнозинство во вториот круг, туку заврши на третото место.

Браната во Франција се одржа- францускиот гард кон продорот на крајната десница издржа. Откако заврши на првото место во воведниот круг на парламентарните избори во Франција на 7 јули, екстремно десничарскиот Национален собир на Мари Ле Пен не само што не успеа да обезбеди целосно мнозинство во вториот круг, туку заврши на третото место, спротивно на предвидувањата дека токму екстремно десничарската партија по резултатите од првиот круг ќе ја превземе власта во Франција. Левичарската коалиција Нов народен фронт (НПФ) изненадувачки излезе како победник, сојузот Заедно на Емануел Макрон како втор, а Националиот собир останува трет по последниот круг и според проценките освоил помеѓу 138 и 145 места заедно со конзервативците од Les Républicains. На партијата на Ле Пен и беа потребни 289 места за да освои апсолутно мнозинство во Долниот дом на парламентот. По последниот круг таа падна многу пониско од ова.

По последните анализи денес, Новиот народен фронт (НПФ) ќе има 182 пратеници, сојузот Заедно на Емануел Макрон 168, а Националниот собир (РН) и сојузниците 143. Ако овие резултати добијат и официјална потврда, според аналитичарите, Франција ќе добие нестабилен парламент поделен на три големи блока со многу различни платформи и без традиција да соработуваат.

По ваквите резултати, премиерот Габриел Атал најави дека денеска ќе поднесе оставка, но ја отвори вратата за преодна влада, за време на Олимписките игри во Париз, кои почнуваат на 26 јули.

Новиот народен фронт (НПФ) кој изненадувачки излезе како победник во можеби најинтересниот втор круг избори во Франција, ќе ја спречи крајната десница да формира влада, но и ќе се соочи со низа предзивици за да ја сочува онаа која најверојатно ќе ја формира,.

Како аналитичарите ден потоа го објаснуваат конечниот пораз на Националниот собир? Според многумина тој е резултат на издржливоста на она што во Франција е познато како Фронт република – кога гласачите ќе излезат на сила за да ја поразат екстремната десница. Неколку минути по објавувањето на резултатите од првиот круг на 30 јуни, основачот на France Unbowed Жан-Лук Меланшон објави дека НФП има план.

Планот беше стратегија  за изградба на „фронт“ или „брана“ против екстремната десница. План кој го прифати и таборот на Макрон, при што и двете коалиции ги повикаа своите гласачи да гласаат за подобро поставените политички ривали за да ја задржат десницата подалеку од власт. Помеѓу првиот и вториот круг, повеќе од 200 кандидати се откажаа за да ја спречат екстремната десница да го премине прагот до победа.

Со 67 проценти забележана беше рекордна излезност на изборите. Изненадувачкиот потег на претседателот ги мобилизираше гласачите кои чувствуваа дека ова се историски избори. Ако во првиот круг гласачите гласаа за кандидатот што го претпочитаат, во вториот круг не гласаа за, туку против оној кој не сакаа да влезе во парламентот. Запирањето на Националниот собир беше поставено како највисок приоритет и тоа го објаснува моментумот што беше создаден меѓу двата круга.

Сега, ден по изборите, останува прашањето кој ќе го заземе местото на премиер и тоа е она што ќе се дефинира во наредните недели.

Бидејќи ниедна партија нема апсолутно мнозинство во парламентот и нема очигледен пат напред за трите главни политички блока, Франција се соочува со можен период на политичка нестабилност во неделите пред Олимписките игри во Париз.

По првиот круг на изборите, речси и никој да не очекуваше победа на левичарската коалиција, но уште поголемо изненадување е што крајната десница заврши на третото место, откако во изминатиот период се збореше само за нејзиниот очекуван убедлив триумф за првпат од Втората светска војна.

За Марин Ле Пен, која повторно ќе се кандидира како претседателски кандидат на РН на изборите во 2027 година, и покрај крајните резултати, партијата сега е поблиску од кога било до преземање на функцијата.„Нашата победа е само одложена“, ќе каже таа.

И додека идното политичко раководство останува да се подготвува, ден по изборите на Плоштадот на републиката во Париз се собраа илјадници луѓе за да ја прослават победата на левицата. Многумина од нив среќни дека десно-екстремните не дојдоа на власт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни