Во недела се враќа зимското сметање на времето: Стрелките се поместуваат еден час наназад

Во ноќта меѓу 24 и 25 октомври, во 3 часот наутро часовниците ќе се вратат на 2 часот. И покрај дебатите за укинување на сезонското менување на времето, европските земји и натаму ја практикуваат оваа промена.

Во ноќта меѓу сабота и недела, на 25 октомври, почнува зимското сметање на времето. Во 3 часот наутро часовниците ќе се поместат еден час наназад, односно повторно ќе биде 2 часот. Така, оваа ноќ ќе трае еден час подолго.

Промената се применува и во Северна Македонија и во Србија, кои го следат централноевропското време. Во текот на зимскиот период се користи централноевропското стандардно време (CET, UTC+1), додека во летниот период важи централноевропското летно време (CEST, UTC+2).

Зошто сè уште го менуваме времето?

Идејата за укинување на сезонското поместување на часовниците со години е предмет на дебати во Европската Унија. Во 2018 година, Европската комисија спроведе јавна консултација во која учествуваа околу 4,6 милиони луѓе. Од нив, 84 отсто се изјасниле за укинување на практиката.

Сепак, земјите членки не успеаја да постигнат договор за тоа дали трајно да се задржи летното или зимското сметање на времето, па предлогот не беше спроведен. Затоа, земјите во Европската Унија и понатаму напролет преминуваат на летно, а наесен на зимско сметање на времето.

Кои земји не го менуваат времето?

Сезонското поместување на часовниците не се применува во голем број земји низ светот. Во Азија, меѓу нив се Кина, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, Виетнам, Индонезија, Малезија и Сингапур. Кина го укина летното сметање на времето во 1991 година.

На Блискиот Исток, часовниците не се менуваат во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт и Бахреин. Иран ја укина практиката во 2022 година, а од 2023 година повеќе не преминува сезонски од летно на зимско време.

Во Јужна Америка, сезонското менување на времето не се применува во Бразил, Аргентина, Колумбија, Перу и Еквадор.

Во Австралија, правилата зависат од сојузната држава. Нов Јужен Велс, Викторија, Јужна Австралија, Тасманија и Австралиската престолнинска територија го менуваат времето, додека Квинсленд, Западна Австралија и Северната Територија не го прават тоа.

Меѓу аргументите за укинување на сезонското менување на времето се поедноставното секојдневно функционирање, избегнувањето проблеми во компјутерските системи, транспортот и деловното работење, како и фактот дека во земјите поблиску до екваторот должината на денот не се менува значително во текот на годината.


Засега, сепак, во Македонија останува важечката практика: во недела, на 25 октомври, часовниците ќе се вратат еден час наназад.

е-Трн да боцка во твојот инбокс