Германија се соочува со сериозен недостиг на даночни советници, а според проценките на професионалните здруженија, во моментов недостигаат дури 25.000 стручни лица во оваа област.
Недостигот станува особено видлив во пресрет на рокот за поднесување даночни пријави, кој за милиони германски граѓани истекува на 31 јули. Поради сè покомплексниот даночен систем, сè повеќе луѓе бараат помош од даночни советници.
Германскиот економски институт (IW) ги вбројува даночните советници меѓу десетте професии со најголем недостиг на квалификувана работна сила. Според нивните проценки, лани недостигале околу 14.000 експерти, додека самата професија смета дека реалниот дефицит достигнува 25.000 лица.
Во прилог на овој тренд одат и податоците на германското здружение за дигитална индустрија Bitkom, според кои 17 проценти од околу 15 милиони даночни обврзници во Германија користеле услуги од даночен советник во текот на 2024 година. Тоа претставува речиси 25 проценти повеќе во споредба со 2023 година.
Експертите оценуваат дека растечката побарувачка за даночни советници, во комбинација со недостигот на квалификуван кадар, дополнително ќе го зголемува притисокот врз овој сектор во наредните години.