Западна Европа е погодена од најсилниот и најраспространет топлотен бран некогаш забележан во областа, а научниците предупредуваат дека овој интензитет на екстремна топлина е можен единствено поради климатската криза предизвикана од согорувањето на фосилни горива.
Според анализата на конзорциумот „Светска атрибуција на времето“ (WWA), таканаречената топлинска купола што го заробила топлиот воздух над континентот предизвикала речиси половина од 850-те најголеми градови во Европа да го доживеат најлошиот топлотен стрес во историјата, комбинација од екстремни температури и висока влажност.
Овие екстремни температури го претворија климатизацијата во една од најважните, но и најжестоките политички и идеолошки дебати на континентот. Европските земји, кои историски не се потпираа на системи за ладење поради нивната некогаш блага клима, сега се соочуваат со тешка одлука: да прифатат масовно инсталирање на клима уреди или да се спротивстават на технологијата во потрага по алтернативни, поеколошки решенија. Дебатата ескалираше особено во Франција, каде што политичарите веќе почнаа да ги усогласуваат идеолошките табори во подготовка за претседателските избори во 2027 година.
Водечката фигура на француската десница, Марин Ле Пен, ги обнови своите барања за масовно национално воведување на клима уреди во домаќинствата, повторувајќи го своето ветување за „голем план за климатизација“.
Од друга страна, нејзиниот политички ривал од левицата, Жан-Лук Меланшон, остро се спротивстави на идејата, прогласувајќи го масовното инсталирање клима уреди за лажно решение кое само го влошува проблемот и наместо тоа повика на итни подобрувања во изолацијата на зградите. Додека политиката дебатира, податоците од Google Trends покажуваат дека пребарувањата за инсталирање клима уреди за домовите во Франција скокнале за 130%, што живописно го илустрира очајот на граѓаните кои се обидуваат да се одбранат од неподносливата топлина.
Употребата на клима уреди во Европа историски е исклучително ниска во споредба со Северна Америка или Азија, а само околу 19 до 20 проценти од европските домаќинства имаат системи за ладење.
Сепак, според анализите на „Бостон консалтинг груп“ и проекциите на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), се очекува бројот на клима уреди во Европската Унија да достигне 275 милиони до 2050 година, што е повеќе од двојно повеќе од нивоата во 2019 година. Како што се очекуваше, земјите со потопла клима се водечки, а Италија го држи убедливо првото место и троши повеќе од една третина од вкупната електрична енергија наменета за ладење во целата ЕУ, по што следат Грција, Франција и Шпанија.