Младиот Владимир Трајанов од Струмица е победник на годинашниот конкурс за дизајн на маица што го организираа „Креативен ден“, Божиловиќ продукција, СОУ „Таки Даскало“ и текстилната компанија ЕАМ од Штип.
Конкурсот беше наменет за средношколци од модно-текстилните училишта низ државата, со цел да им овозможи преку визуелен израз и креативна порака да ги претстават своите идеи, ставови и талент.

Учесниците имаа можност да создадат авторски дизајн, јавно да го претстават својот труд и да стекнат значајна референца за своето професионално портфолио. Пристигнатите трудови ги оценуваше стручно жири составено од претставници на Креативен ден и ЕАМ.
Најдобар беше прогласен дизајнот на Владимир Трајанов, ученик во СОУ „Никола Карев“ во Струмица, кој се образува за техничар за дизајн на облека. Покрај признанието за освоеното прво место, тој доби и 30 маици изработени со неговиот дизајн, како и можност да ја посети текстилната компанија ЕАМ.
„Во иднина мојата желба е да бидам моден креатор, дизајнер и да имам свое ателје. Мојот план е да започнам со свој бренд со наградата од ЕАМ“, изјави Трајанов.
Од компанијата ЕАМ велат дека соработката со Креативен ден станува сè поважен дел од нивните активности насочени кон поддршка на младите таленти.
„Соработката која ја имаме развиено овие две години со Креативен ден ни значи многу поради концептот и симбиозата помеѓу нас како текстилна индустрија и Креативен ден како склоп на сите текстилни училишта во државата. Веќе ни е еден од проектите во нашиот календар на кој се радуваме најмногу“, истакнуваат сопствениците на ЕАМ, Александар и Марија Патриклиски.
Според организаторите, големиот број пристигнати пријави покажува дека кај младите постои сериозен интерес за модниот дизајн и креативните индустрии. Токму ваквите иницијативи им овозможуваат на учениците да стекнат прво јавно признание, практично искуство и дополнителна мотивација за понатамошен развој.
Конкурсот е дел од пошироките активности на Креативен ден, настан кој со години претставува платформа за поврзување на образованието, креативноста и текстилната индустрија во Македонија, со посебен фокус на поддршка на новите генерации модни дизајнери.