Денес, во сабота од 14 часот, скопската независна културна сцена се собира во Монтажна галерија на отворањето на изложбата „Со почит“, посветена на Владимир Муратовски Диво (1969 – 2026). Поставката овозможува непосреден увид во личната архива на авторот кој со децении претставуваше препознатлив креативен глас на урбано Скопје. Настанот обединува фрагменти од неговата долгогодишна творечка работа, опфаќајќи поезија, цртежи, звук и автентични лични ракописи.
Поставката ја претставува сеопфатната архива на Владимир Муратовски Диво преку цртежи, музика, текстови и независни изданија. Зад организацијата застанаа неговите долгогодишни соработници од радио Канал 103, уметничкиот колектив Партизанска штампа и 5060.
Диво со децении градеше специфичен творечки израз заснован на строг минимализам, суров хумор и постојано повторување на мотивите. Самата изложба започнала како заеднички проект со него, а завршила со неговиот последен цртеж – впечатлив автопортрет. Организаторите објаснуваат дека насловот „Со почит“ го дефинира начинот на кој се пристапува кон неговото творештво, третирајќи ја архивата како отворен процес на истражување и сеќавање.
Посетителите во Монтажна галерија добиваат пристап до уникатна уметничка книга изработена во сито-печат, посветена на препознатливите цртежи и карикатури на Диво. Изданието е целосно подготвено во духот на DIY културата што авторот доследно ја живееше и практикуваше низ годините.
Паралелно со визуелниот дел, на настанот се промовира и звучното издание „Elektro Kultura – Various Astronauts“, подготвено на касета и компакт-диск. Ова издание содржи 15 различни верзии на култната композиција „Астронаут“, преработена од домашни и странски музичари. Реализацијата на проектот е поддржана од Центарот за современи уметности Скопје, Министерството за култура и туризам и Општина Центар.
