Лидерите на Европската унија го завршија октомврискиот самит во Брисел без постигнат договор за долгорочниот буџет, соочени со ново барање од Киев за 70 милијарди евра помош и остри несогласувања околу миграцијата и енергетските трошоци. Средбата на европскиот врв мина во обид за зачувување на единството кон Украина, но без конкретни финансиски решенија како да се пополни празнината што настанува поради променетите односи со Вашингтон и се поагресивниот трговски притисок од Кина, пишува Euronews.
Вториот ден од самитот мина во сенка на заладените релации меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп. Додека Трамп отворено го критикуваше Киев и најави олеснување на санкциите за руското гориво, европските лидери застанаа зад Зеленски, ветувајќи дека ќе ги задржат рестриктивните мерки кон Москва.
Сепак, политичката поддршка веднаш се судри со математиката. Зеленски пред лидерите изнесе барање за дополнителни 70 милијарди евра воена и финансиска помош за следната година. Ова барање целосно ги поремети плановите на Европската комисија, која претходно сметаше дека заемот од 90 милијарди евра ќе ги покрие трошоците за 2026 и 2027 година.
Заедничкото задолжување на Унијата станува прескапо поради високите каматни стапки. Прашањето за користење на замрзнатите руски средства и понатаму предизвикува правни и политички спорови, па товарот повторно паѓа врз неколкуте најбогати земји членки. За земјите кандидати од Западен Балкан, ваквата финансиска прераспределба сигнализира уште потесен простор за пристапните фондови во следниот буџетски циклус.
Европскиот совет не направи напредок околу повеќегодишната финансиска рамка. Предлогот на ирското претседателство, кој предвидуваше кратење од 141 милијарда евра за да ги задоволи таканаречените „штедливи“ северни земји, беше дефинитивно отфрлен од земјите од југот и истокот.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, најави вонреден состанок за 26 ноември. Тој ќе се обиде да состави нов компромис со пониски национални придонеси и нови извори на европски даноци, но лидерите отворено признаваат дека рокот до крајот на годината веројатно нема да биде исполнет. Доколку договорот се одложи за следната изборна сезона во неколку клучни членки, европските фондови можат да останат блокирани со месеци.
Миграциската политика повторно ги спротивстави владите на континентот. Данската премиерка Мете Фредериксен отворено го критикуваше планот на Шпанија за регулација на статусот на 600.000 мигранти. Во исто време, расте поддршката за вонредни мерки што би овозможиле привремено замрзнување на постапките за азил при ненадејни кризи. Текстот на финалните заклучоци мораше да биде ублажен за да се избегне целосна блокада од Мадрид и Париз.
Сличен ќорсокак се случи и околу цената на струјата. Италија и земјите од Вишеградската група побараа ревизија на системот за тргување со емисии на јаглерод (ЕТС), тврдејќи дека даноците за загадување директно ја уриваат индустриската конкурентност. Земјите од северот, предводени од Шведска и Финска, категорично одбија промена на климатските правила.
Единствената тема околу која лидерите покажаа брза согласност беше потребата од построга трговска одбрана против Кина. Со оглед на трговскиот дефицит од околу 360 милијарди евра, Брисел бара итни заштитни мерки, увозни квоти и царини за заштита на хемиската и машинската индустрија.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека конкуренцијата мора да биде фер и најави проширување на инструментите против субвенционираниот увоз и ниските валутни курсеви. Европската комисија подготвува механизам што треба да овозможи брз одговор при нарушувања на европскиот пазар, како и мерки за помош на компаниите што бараат алтернативни добавувачи на критични суровини.
