Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, но коловозите се наместа влажни низ повеќе региони во земјава. Возачите се соочуваат со активни градежни зафати, изменети сообраќајни режими и девијации на правците кон Охрид, Кавадарци, Битола и на јужниот крак кон граничниот премин Богородица. Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) апелира за внимателно возење и прилагодена брзина, особено низ клисурите каде се можни одрони од карпи.
На патниот правец А1, делница Прилеп – Кавадарци, потегот меѓу селата Беловодица и Тројаци функционира под времен режим со наизменично пропуштање на возилата. Слична измена има и на јужниот автопатски крак кон Грција. Од исклучувањето за Гевгелија до граничниот премин Богородица, коловозот е затворен, па возилата се пренасочени на спротивната страна каде сообраќајот се одвива двонасочно се до пролетта 2027 година.
На правецот Прилеп – Битола, поради активностите на Коридорот 10Д, сообраќајот се пренасочува по регионалниот пат на потегот од клучката Лагово до Тополчани. Целосен прекин на сообраќајот има на делницата од Мало Коњари до Кривогаштани поради санација на слегнувања на трупот на патот, а возилата таму користат алтернативни патни правци.
Патувањето кон југозападниот дел од земјава бара поголема претпазливост. Автопатот во изградба Кичево – Охрид и понатаму функционира со бројни девијации на теренот. На патниот правец Гостивар – Кичево се изведува санација на мостот на реката Тајмишка, каде исто така е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.
Времен режим важи и на патот Струга – Дебар кај браната Глобочица, како и на делницата Косоврасти – Мелнички Мост каде се санира свлечиште.
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата. На граничниот премин Делчево се изведува реконструкција, но објектот функционира непрекинато.
Покрај градежните блокади, влажните коловози создаваат услови за одрони од карпи и земја. Најризични точки се делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица останува отворен исклучиво за возила со маса до 3,5 тони.
