Владата донесе одлука за привремено намалување на данокот на додадена вредност за горивата од 18 на 10 проценти. Мерката има за цел да го ублажи ценовниот удар врз граѓаните и компаниите во услови на кризна состојба и можни нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Според владините пресметки, намалениот ДДВ значително ќе го ублажи очекуваното поскапување на горивата.
Кај дизелот, наместо очекуваното зголемување од околу пет денари за литар, се очекува намалување од околу два денари. Тоа би значело ублажување на ценовниот удар за околу седум денари, а литар дизел би чинел околу 99 денари.
Кај бензините, сепак, се очекува поскапување. ЕУРОСУПЕР БС-95 би достигнал цена од околу 100,5 денари за литар, што би било зголемување од околу 3,5 денари. ЕУРОСУПЕР БС-98, според владините пресметки, би се продавал за околу 102,5 денари за литар. Намалената даночна стапка од 10 проценти ќе започне да се применува од 00:01 часот на 15 септември и ќе важи до 24:00 часот на 28 септември 2026 година.
Од Владата велат дека со оваа интервенција се преземаат мерки за заштита на животниот стандард и за поддршка на стопанството, особено во услови на неизвесност околу снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Конечните малопродажни цени ќе зависат и од одлуките на Регулаторната комисија за енергетика, како и од движењето на цените на нафтата на светските пазари.