Визите од Загреб се премалку за да го урнат шенгенскиот ѕид за камионџиите

Македонските возачи добиваат олеснет влез во Хрватска, но европскиот лимит од 90 дена останува закана за целиот товарен транспорт.
Фото: NATO

Од 23 септември Хрватска ќе издава посебни визи за професионалните возачи од Македонија и од земјите од Западен Балкан за да го олесни нивниот транспорт и престој, потврди Билјана Муратовска од здружението „Макам-транс“. И покрај најавената мерка од Загреб, шенгенскиот ѕид за превозниците останува недопрен, бидејќи европското правило со кое се ограничува престојот на најмногу 90 дена во период од половина година сè уште виси како постојана закана за компаниите.

Македонските транспортери со месеци се под силен притисок на границите поради стриктната примена на правилото 90/180 дена, кое го третира професионалниот транспорт исто како туристичките патувања. Хрватската одлука отвора коридор низ една членка, но правниот проблем опстојува на целата шенгенска територија.

„Проблемот со правилото 90/180 останува отворен и тој ќе се решава билатерално, со секоја земја од шенген-зоната“, вели Муратовска.

Бидејќи Брисел нема универзално олеснување за балканските возачи, секое олеснување зависи исклучиво од поединечни договори меѓу државите.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, потврди дека власта преговара директно со земјите членки, бидејќи во Европската Унија нема консензус за заедничко решение за сите превозници.

„Имајќи предвид дека беа препознаени како професионалци, сега може да добиваат долгорочни визи и затоа ние мора да работиме со што повеќе држави да постигнеме ваков договор. Тоа е единственото решение. Има неколку земји членки на шенген-зоната коишто не сакаат да има заедничко решение на сите земји членки. За жал, и визните правила се правила коишто се носат со консензус на ниво на Европска Унија, односно во случајов на шенген-зоната, и затоа решението е билатерално и ние билатерално работиме“, изјави Николоски.

Македонија досега има вакви договори со Хрватска, Романија и Швајцарија, следна на ред е Австрија, а се разговара и со Германија, Унгарија и Словенија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс