Пеколни 40 степени во Велес и Кавадарци, од утре следуваат поројни дождови и град

Топлотниот бран достигна пик со екстремно високи температури во Повардарието, по што следува силен метеоролошки пресврт.
Фото: Rosh PR/Flickr

Македонија се соочува со врвот на топлотниот бран откако во Велес и Кавадарци попладнево беа измерени 40 степени. Според метеоролошките најави, стабилното и суво време завршува, а веќе од утре целата територија влегува во фаза на изразена атмосферска нестабилност. Времето ќе биде променливо облачно, со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и локални услови за невреме со град.

Мерењата реализирани во 17:00 часот покажуваат високи температури низ државата. Во Велес живата на термометарот достигна 40,3°C, а во Кавадарци 40,0°C, во истиот период во Гевгелија беа измерени 39,7°C, а во Демир Капија 39,8°C. Во Скопје на мерната станица Зајчев Рид беа регистрирани 38,6°C. Најниски дневни максимални температури во истиот термин беа забележани на Попова Шапка со 22,6°C и во Крушево со 28,5°C.

Метеоролозите најавуваат брза промена на синоптичката слика. Во четврток и петок, локалните процеси ќе бидат интензивни и проследени со силен североисточен ветер. Наместа се очекуваат краткотрајни, но обилни врнежи од дожд, кои можат да предизвикаат проблеми во урбаните средини. Дневните температури ќе опаднат за неколку степени, но сепак ќе се задржат во опсег од 29°C до 36°C.

По преминот на нестабилниот бран во четврток и петок, во деновите од викендот се очекува повторно стабилизирање на атмосферата. Во сабота и недела следува претежно сончево време со мала до умерена облачност. Дневните температури ќе бидат во благ пораст и ќе се движат во интервал од 30°C до 37°C.

е-Трн да боцка во твојот инбокс