Виница викендов беше во знакот на електронската музика, уметноста и фестивалската атмосфера. Cafe De Anatolia Festival, првиот голем фестивал посветен на Organic House музиката во Македонија, ги собра љубителите на овој музички правец на дводневен настан во „Александар Парк“, претворајќи го источниот дел од земјата во нова фестивалска дестинација.
Настанот понуди многу повеќе од музичка програма. Посетителите имаа можност да уживаат во настапите на Beard2Beard, DR. Saba, Rex Stax, Jizabja, Keto Van Harum, Billy Esteban и Rialians On Earth, а програмата беше збогатена со пантомима, face painting, тарот читања, интерактивни уметнички инсталации и други перформанси кои создадоа препознатлива бохо атмосфера по која е познат брендот Cafe De Anatolia.
Покрај вечерните музички настапи, фестивалот вклучи и дневна програма со дегустации на вина од домашни винарии, гастрономски понуди, фестивалски маркет и современи уметнички инсталации, со што на посетителите им понуди целодневно искуство кое ги спојува музиката, културата и локалната традиција.


Од македонски проект до глобален музички бренд
Cafe De Anatolia е основан од семејството Илиеви – Зоран Илиев (Billy Esteban), Моника Илиева и Никола Илиев (Rialians On Earth). Во изминатите години брендот се етаблира како едно од најпрепознатливите имиња во Organic House жанрот, со настапи во Дубаи, Санторини, Истанбул, Малта, Букурешт и други светски дестинации.
Организацијата денес соработува со повеќе од 5.000 артисти, располага со каталог од над 10.000 музички изданија, има повеќе од 30 милиони следбеници на дигиталните платформи и над две милијарди прегледи на своите содржини. Брендот има административен договор со Sony Music Publishing, а беше промовиран и на билбордите на Тајмс Сквер во Њујорк. Воедно, беше номиниран од Beatport за признанијата „Label of the Year“ и „Artist of the Year“, што дополнително го потврдува неговото влијание врз глобалната електронска сцена.
Што е Organic House?
Organic House е музички жанр кој комбинира deep house ритми со етно инструменти, ориентални мелодии, акустични звуци и амбиентална електронска продукција. Во последните години жанрот бележи голема популарност на фестивали и клубови ширум светот, а Cafe De Anatolia се смета за еден од брендовите што значително придонесе за неговата глобална афирмација.
Со организирањето на првиот голем Organic House фестивал во Македонија, Виница се позиционираше на мапата на современите музички настани во регионот. Организаторите најавуваат дека целта е фестивалот да прерасне во традиционален меѓународен настан кој ќе привлекува публика од Балканот и пошироко, промовирајќи ја Македонија како дестинација за културен и музички туризам.