(ВИДЕО)Хаос во Белград: Судири пред зградата на Претседателството, полицијата оттурнува демонстранти, почнаа апсења

По масовниот протест на Славија во Белград избувна хаос пред Претседателството. Демонстранти фрлаа пиротехника и камења кон полицијата, Жандармеријата интервенираше, а според медиумите почнале и апсења.

По завршувањето на масовниот студентски протест на плоштадот Славија во Белград, вечерва избувнаа сериозни инциденти пред Претседателството на Србија и Пионирскиот парк, каде што дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите. Според информации од теренот, групи демонстранти, враќајќи се од протестот, ја урнале заштитната ограда околу Пионирскиот парк и почнале да фрлаат пиротехнички средства, камења и бакљи кон припадниците на полицијата и Жандармеријата.

Снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат хаотична атмосфера, додека во центарот на Белград одекнувале петарди, топовски удари и експлозии.

Жандармеријата интервенираше, неколку лица соборени на земја

Припадници на српската Жандармерија формирале кордони и тргнале кон демонстрантите кај Народното собрание и Претседателството. Според медиумските извештаи, неколку млади лица биле соборени на земја за време на интервенцијата, а полицијата ги оттурнувала насобраните по Таковска улица кон зградите на Поштата и Радио-телевизија Србија (РТС). Интервенција имало и на Булеварот „Крал Александар“, додека во улицата „Крал Милан“ интервенирала и полициската бригада.

Маскирана група нападнала полицајци

Телевизијата N1 јави дека една маскирана група лица ја нападнала полицијата со петарди и пиротехника, додека најголем дел од учесниците на протестот останале настрана и не учествувале во насилствата. Порталот „Машина“ објави дека се во тек приведувања, а според локалните медиуми, полицијата веќе почнала со апсења на дел од учесниците во инцидентите.

Засега нема официјални податоци за повредени

До овој момент нема официјални информации за бројот на повредени или приведени лица. Надлежните институции и српското Министерство за внатрешни работи сè уште не се огласиле со официјално соопштение за причините за интервенцијата и за развојот на ситуацијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс