Како ВИ може да им помогне на наставниците во училница?

На ФИНКИ ќе се одржи бесплатна презентација за наставници и едукатори, посветена на безбедна, етичка и практична употреба на вештачката интелигенција во наставата.

Наставниците, едукаторите и сите што размислуваат за иднината на образованието ќе имаат можност да слушнат како вештачката интелигенција може практично, безбедно и етички да се користи во наставата.

На 5 јуни, од 16:00 до 18:00 часот, во Амфитеатарот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје ќе се одржи презентацијата „ВИ писменост за наставници: локални јазици, етичка употреба и практична поддршка во наставата“.

Настанот е дел од програмата „The AI Collective Skopje | Humans in AI Week“ и ќе обедини наставници, едукатори, директори на училишта, истражувачи и професионалци кои се занимаваат со образованието во време на брз технолошки развој.

Во фокусот ќе бидат конкретни ВИ алатки што може да помогнат во секојдневната работа со учениците, поддршката на локални јазици, дигиталната и медиумската писменост, етичките прашања околу користењето на вештачката интелигенција, како и можностите за поголемо вклучување на учениците преку гејмификација и интерактивно учење.

На презентацијата ќе говорат Суад Сефери, експерт за вештачка интелигенција, автор и претседател на AINOW Society, проф. д-р Сеад Џигал, универзитетски професор и експерт за медиумска и дигитална писменост, Игор Богданоски, експерт за образовни технологии и ВИ алатки, и проф. д-р Владимир Трајковиќ, професор на ФИНКИ и еден од водечките експерти за информатички технологии во земјата.

„ВИ писменоста не значи само користење нови алатки. Таа значи разбирање како функционира вештачката интелигенција, каде може да помогне, но и каде треба да бидеме внимателни. Наставниците имаат клучна улога во тоа учениците да развијат критичко размислување и одговорен однос кон технологијата“, вели Суад Сефери, основач на AINOW Society.

Учесниците ќе можат да проследат практични демонстрации на современи ВИ решенија за образованието, но и да разговараат за предизвиците што ги носи вештачката интелигенција во наставниот процес.

Настанот е бесплатен, но потребна е претходна регистрација преку платформата Luma.

е-Трн да боцка во твојот инбокс