ВИ може да ја подобри економијата до 2030 година за 50 проценти

Ново истражување на компанијата Anthropic покажува огромен јаз меѓу очекувањата на експертите и обичните работници.

Додека јавноста очекува постепени промени, луѓето што развиваат вештачка интелигенција веруваат дека трансформацијата ќе биде многу побрза.

Дали вештачката интелигенција ќе ни ја олесни работата или ќе преземе голем дел од задачите што денес ги извршуваме?

Ново истражување на компанијата „Anthropic“, покажува дека токму луѓето што работат на развојот на AI очекуваат многу поголеми промени отколку пошироката јавност.

Според истражувањето, повеќе од половина од вработените во „Anthropic“ очекуваат вештачката интелигенција до 2030 година да може да извршува најмалку 80 проценти од задачите што ги сочинуваат нивните сегашни работни места.

Меѓу американските работници, вакво очекување имаат само пет проценти.

Разликата укажува на тоа колку поинаку ја гледаат иднината оние што секојдневно работат со најнапредните AI-системи.

Кои професии би можеле најмногу да се променат?

Најголемите промени се очекуваат кај професиите што вклучуваат обработка на информации, пишување, програмирање, административни задачи и дигитална комуникација.

Меѓу нив се дел од работните места во корисничка поддршка, администрација, маркетинг и развој на софтвер.

Но, тоа не значи дека овие професии нужно ќе исчезнат. Во многу случаи AI може да автоматизира само дел од задачите, додека човекот ќе продолжи да има клучна улога во донесувањето одлуки, комуникацијата и контролата на квалитетот.

Економија поголема за речиси 50 проценти?

На годишните состаноци на ММФ и Светската банка во Бангкок, коосновачот на „Anthropic“, Џек Кларк, изјави дека еден од интерните модели на компанијата покажува можност американската економија да достигне 44 билиони долари до 2030 година.

Станува збор за условно сценарио, а не за официјална економска прогноза.

Кларк истовремено предупреди дека брзината на технолошкиот развој бара посериозни правила и меѓународна соработка.

За младите што денес избираат факултет или професија, овие промени отвораат важно прашање: кои способности ќе бидат највредни во следната деценија?

Познатите професии можеби нема целосно да исчезнат, но начинот на кој се работат речиси сигурно ќе се менува.


Критичкото размислување, креативноста, дигиталната писменост и способноста за постојано учење стануваат сè поважни вештини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс