„Се наоѓаме во навистина страшна ситуација во однос на тоа што вештачката интелигенција им прави на децата. Идејата дека индустријата сама ќе го реши овој проблем, без надворешна помош, е нереална“, изјави Сигел за „Ројтерс“.
Според него, големите компании кои развиваат вештачка интелигенција во моментов воведуваат функции наменети за деца, без притоа да воспостават соодветни механизми за заштита.
Тој наведува дека компаниите можат да преземат чекори за подобра заштита на младите, посочувајќи на ризици кои се движат од самоубиство и психоза до таканаречено когнитивно растоварување.
Станува збор за појава при која прекумерното потпирање на вештачката интелигенција за добивање одговори може да придонесе за намалување на критичкото размислување.
Запрашан за изјавите на Сигел, „Гугл“ соопшти дека родителите имаат достапни контроли со кои можат целосно да го исклучат пристапот на детето до пребарувачот.
„Нашите функции за пребарување засновани на вештачка интелигенција се неверојатно корисен начин за децата и тинејџерите да учат, истражуваат и да ги разбираат информациите и светот“, наведува компанијата.