ВИ бумот ќе нè затрупа со електронски отпад: до 2050 година може да се создадат стотици милиони тони

Нов извештај предупредува дека инфраструктурата потребна за развојот на вештачката интелигенција може да создаде меѓу 395 и 617 милиони тони електронски отпад до 2050 година.

Кога се зборува за еколошката цена на вештачката интелигенција, најчесто се мисли на огромната потрошувачка на електрична енергија и вода во центрите за податоци. Но постои уште еден проблем кој допрва може да стане огромен: што ќе се случи со целата таа опрема кога ќе застари? Ново истражување предупредува дека забрзаната изградба и модернизација на инфраструктурата за ВИ може да произведе стотици милиони тони електронски отпад.

Досегашните проценки главно се фокусирале на серверите и акцелераторите, како графичките процесори (GPU), но тие сочинуваат само околу 13 отсто од вкупната маса на опремата во еден центар за податоци.

Кога ќе се пресметаат и системите за напојување, мрежната опрема, ладењето и останатата инфраструктура, количината на отпад може да биде 40 до 60 пати поголема од најчесто цитираните академски проценки, се наведува во извештајот „Колку е голем бранот отпад од ВИ?“, објавен од непрофитната организација „Базел акшн нетворк“ (БАН).

Центар од 100 мегавати тежи илјадници тони

Истражувањето опфаќа пет главни категории опрема: мрежна инфраструктура, дистрибуција на електрична енергија, системи за резервно напојување, сервери со акцелератори и системи за ладење. Заедно, според моделот на БАН, тие тежат околу 7.000 метрички тони во референтен ВИ центар за податоци со моќност од 100 мегавати.

Голем дел од оваа опрема нема да трае колку самата зграда или објектот. При секоја нова генерација на технологија, дел од инфраструктурата мора да се замени за да може центарот да ги поддржи сè помоќните ВИ системи. Според проценката на БАН, инфраструктурата за вештачка интелигенција во периодот од 2025 до 2050 година би можела да создаде меѓу 395 и 617 милиони тони електронски отпад.

Тоа би одговарало на околу 15 до 23 милиони бродски контејнери. Ако се земе средната вредност од околу 20 милиони контејнери и тие се наредат еден до друг, би формирале низа долга приближно 244.000 километри – околу шест пати повеќе од обемот на Земјата.

ВИ го забрзува стареењето на хардверот

Еден од клучните проблеми е брзината со која се менува ВИ хардверот. БАН проценува дека GPU-ата и другите акцелератори за вештачка интелигенција се заменуваат на секои две до три години, додека традиционалните сервери за општа намена обично се користат пет до седум години.

Тоа значи дека инфраструктурата во ВИ центрите може да завршува како отпад многу побрзо отколку во класичните центри за податоци. Проблемот не се само чиповите.

Кога серверските ормани со потрошувачка од пет до 15 киловати се заменуваат со системи што трошат од 50 до 140 киловати, какви што се потребни за одредени ВИ работни оптоварувања, често мора да се замени и значителен дел од инфраструктурата за напојување. Само еден центар од 100 мегавати, според извештајот, може да содржи околу 2.700 тони бакар во каблите и собирниците.

Другата опрема исто така има свои циклуси на замена. БАН проценува три до четири години за мрежната инфраструктура, околу осум години за дистрибуцијата на електрична енергија и околу пет години за резервните системи за напојување и ладење.

Што ќе се случи со отпадот?

Тука се отвора можеби најголемото прашање. БАН предупредува дека ниту една голема компанија што управува со центри за податоци, влада или меѓународно тело досега нема објавено план за справување со електронскиот отпад од ВИ во размерите што ги предвидува моделот.

Организацијата истовремено предупредува дека инфраструктурата за безбедна обработка на електронски отпад не е доволна дури ни за сегашните количини. Дополнителен ризик може да претставуваат и токсичните материи во отпадот. Во следните истражувања БАН планира да ја испитува и потенцијалната контаминација со пер- и полифлуороалкилни супстанции, познати како PFAS.

ВИ не остава само јаглероден отпечаток

Истражувањето отвора пошироко прашање за тоа како го мериме влијанието на вештачката интелигенција врз животната средина. Центарот за податоци не е само збир од графички процесори. Тој е сложен систем од сервери, кабли, трансформатори, мрежна опрема, батерии, системи за ладење и друга инфраструктура – а секој од тие елементи има свој животен циклус.

БАН планира дополнителни истражувања што треба да покажат колку повторната употреба, обновувањето и пренамената на опремата можат да го намалат отпадот. Колкав дел од проценетиот отпад навистина ќе заврши како отпад, сепак, ќе зависи од тоа колку брзо ќе се развива технологијата, колку често компаниите ќе ја заменуваат опремата и дали старата инфраструктура ќе може повторно да се користи.

Едно е сигурно: трката кон сè помоќна вештачка интелигенција не создава само поголема потреба за струја и центри за податоци. Создава и огромна количина физички хардвер – а тој хардвер еден ден ќе стане отпад.

е-Трн да боцка во твојот инбокс