ВИ агентите ќе мора да се легитимираат и да плаќаат

Интернетот постепено ги менува правилата за пристап. Наместо досегашното „влезете и преземете“, сè повеќе веб-страници и платформи бараат ВИ агентите да се идентификуваат, да имаат дозвола или да платат за пристапот.

Најнов пример е Amazon, кој го блокираше Muse, ВИ агентот на Meta, за купување производи во име на корисниците.

Amazon тврди дека Muse не се претставува како ВИ агент, пристапува до кориснички сметки и може да ги користи нивните податоци без согласност на трговецот. Meta ги отфрла овие тврдења и вели дека чувствителните податоци се заштитени, а за купување се бара потврда од корисникот.

Сличен спор Amazon води и со Perplexity, додека Cloudflare и Reddit исто така воведуваат построги правила за автоматизираните системи.

Причината е едноставна: ВИ агентот може да ја посети страницата, да го најде производот и да ја заврши трансакцијата без корисникот воопшто да ја отвори веб-страницата. За платформите тоа значи помалку посети, реклами и приходи.

Cloudflare веќе воведе систем со кој автоматски се препознаваат различни видови ВИ роботи, а одредени категории се блокираат по дифолт. Паралелно, се развиваат и модели во кои ВИ агентите ќе можат легално да пристапуваат до содржина и да купуваат – но само ако се идентификувани и овластени.

Така се создава ново правило на интернетот: ВИ агентите повеќе нема да можат едноставно да се однесуваат како обични посетители. Ќе мора да покажат кои се, што смеат да прават – и кој ја плаќа сметката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс