Сè повеќе пациенти бараат второ мислење од вештачка интелигенција

Ново европско истражување покажува дека пациентите сè почесто користат алатки со вештачка интелигенција за подобро да ги разберат дијагнозите и терапиите. Иако довербата во лекарите останува најголема, AI станува важен дополнителен извор на информации.

Пациентите во Европа сè почесто се обраќаат до алатки базирани на вештачка интелигенција за да добијат дополнително објаснување за својата дијагноза или второ мислење пред или по посетата на лекар. Тоа го покажува најновото истражување на групацијата „Штада“, спроведено меѓу околу 20.000 испитаници во 20 европски земји. 

Според резултатите, 55 проценти од Европејците веќе користат вештачка интелигенција за прашања поврзани со здравјето, а дури 82 проценти се подготвени AI да има одредена улога во нивната здравствена грижа. Србија и Романија се меѓу земјите со најголема употреба на ваквите алатки, при што 74 проценти од граѓаните изјавиле дека користеле AI за здравствени информации. 

Истражувањето покажува и дека пациентите сè повеќе преземаат активна улога во грижата за сопственото здравје. Голем дел редовно го следат крвниот притисок, прават превентивни прегледи и користат паметни часовници и други дигитални уреди за следење на здравствените параметри. 

Сепак, експертите нагласуваат дека вештачката интелигенција не треба да биде замена за лекар. AI може да помогне во подобро разбирање на симптомите, потсетување на терапија и анализа на информации, но конечната дијагноза и одлуката за лекување мора да ја донесе медицински професионалец. 

Истовремено, незадоволството од здравствените системи останува високо. Во просек, 56 проценти од испитаниците изјавиле дека не се задоволни од здравството во својата земја, а како најголеми проблеми ги посочуваат недостигот на медицински кадар, долгото чекање за прегледи и недоволните инвестиции во здравствениот сектор. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс