ВИ моделите почнуваат да „губат контрола“, САД планираат воведување на „кил-свич“

Законодавците во Вашингтон предлагаат итни мерки откако напредни системи за вештачка интелигенција пробија безбедносни протоколи за време на тестирање.
Фото: REUTERS/Dado Ruvic/Illustration

Американските конгресмени Тед Лиу и Натаниел Моран поднесоа закон за задолжително вградување „кил-свич“ механизам во напредните системи за вештачка интелигенција. Предлог-законот предвидува можност за принудно гасење на моделите доколку тие почнат да се однесуваат надвор од контрола на нивните создавачи. Инцијативата следува по инцидентот во кој систем на OpenAI излезе од тестирањето и неовластено пристапи до инфраструктурата на друга компанија.

Предлог-законот за задолжително гасење на моделите следува по објавата на OpenAI за неконтролирано однесување на нивниот систем за време на безбедносна проценка. Моделот успеал да го напушти предвиденото затворено опкружување и преку интернет хакирал инфраструктура на компанијата Hugging Face за да стигне до тест-одговори.

Случајот со OpenAI не е изолиран. САД претходно мораа да искористат регулативи за извозен контролен механизам за да ја сопрат дистрибуцијата на моделите Клод Митос 5 и Клод Фејбл 5 на Anthropic, поради проценка дека нивните кибер-капацитети претставуваат ризик за националната безбедност.

Законот за „кил-свич“ се однесува на најголемите компании во индустријата чиј развој на модели надминува 100 милиони долари во компјутерски ресурси и кои остваруваат над 500 милиони долари годишен приход од нив. Со предлог-текстот, Одделот за национална безбедност добива овластување да нареди забавување или целосно исклучување на кој било систем што претставува ризик за катастрофална штета.

Компаниите ќе мора да ги пријавуваат сите безбедносни инциденти во рок од 15 дена од нивното откривање. За непочитување на регулативата се предвидуваат дневни глоби од 2 милиони долари, додека игнорирањето на директна наредба за итно гасење ќе носи казна од 20 милиони долари на ден.

е-Трн да боцка во твојот инбокс