Весна Ничевска со нова самостојна изложба „Искон (Прапочеток)“ ја слави жената како создател

Преку дваесетина слики во акрил на платно и колажи-асамблажи, авторката ја истражува женската суштина низ природата и митологијата.

Скопската уметница Весна Ничевска ја претставува својата нова самостојна изложба насловена „Искон (Прапочеток)“. Поставката обединува дваесетина слики во техника акрил на платно и колажи-асамблажи, преку кои авторката ја прикажува жената како суштински дел од природата, раѓањето на светот и митологијата. Изложбата се фокусира на женскиот принцип како создател на животот низ лична уметничка призма.

Основниот уметнички предизвик во творештвото на Ничевска се човечката фигура и актот. Во рамки на проектот „Искон (Прапочеток)“, фигуративниот симболизам станува главен изразен инструмент преку кој таа ги истражува митологиите на различни народи. Поставката вклучува околу дваесет дела работени во акрил на платно во различни формати.

Покрај сликарските платна, авторката вклучува и колажи-асамблажи. Тие претставуваат визуелен запис на нејзиното лично и магиско патување на себеспознавање како жена и дел од целокупното постоење.

Во својот авторски осврт кон изложбата, Ничевска ја поврзува креативната енергија со женската сила за обновување и раѓање. Таа го дефинира процесот на создавање уметност како континуирано лично преродување.

„Се реинвентирам, паѓам, горам и повторно се издигнувам со секој нов ден како жена на која пражената ѝ ја дала улогата повторно да ја стави жената онаму каде што ѝ е местото, на пиедесталот како создател на сиот живот кој го поимаме со сите наши сетила и во таа болка на породувањето да се изроди некој нов свет – мојот креативен свет“, вели Ничевска.

Весна Ничевска е родена на 24 август 1977 година во Скопје. Средното уметничко образование го завршила во училиштето „Лазар Личеноски“, а во 2001 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот Сликарство во класата на професорот Родољуб Анастасов.


Досега учествувала на повеќе групни изложби и стрип-фестивали, а зад себе има реализирано и неколку самостојни поставки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс