Употребата на сол збогатена со калиум во исхраната би можела да спречи речиси три милиони смртни случаи од срцеви заболувања и мозочен удар, како и 10 милиони нови случаи на кардиоваскуларни и бубрежни заболувања ширум светот секоја година. Ова го покажуваат резултатите од најновото истражување на австралиски научници.
Студијата, спроведена од истражувачи на Институтот „Џорџ“ за глобално здравје во Австралија, опфатила 193 земји, пренесува „Еуроњуз“. Според проценките на истражувачите, преминот кон сол збогатена со калиум на глобално ниво би можел секоја година да спречи 2,96 милиони смртни случаи и 10,17 милиони нови случаи на кардиоваскуларни и хронични бубрежни заболувања.
„Познато е дека прекумерниот внес на натриум и недоволниот внес на калиум предизвикуваат висок крвен притисок, кој е еден од главните фактори на ризик за состојби опасни по живот, како што се мозочниот удар, срцевиот удар и бубрежните заболувања“, изјави Брус Нил, виш професор на Институтот „Џорџ“ за глобално здравје.
Тој посочил дека со преминот кон сол збогатена со калиум истовремено се решаваат двата проблема во исхраната, што може да донесе значителни здравствени придобивки.
Како се произведува солта збогатена со калиум?
Оваа алтернатива, која може да се најде во одредени продавници и да се купи преку интернет, се произведува така што дел од натриум-хлоридот во обичната кујнска сол се заменува со калиум-хлорид.
Високиот крвен притисок е еден од главните фактори на ризик за мозочен и срцев удар, како и за бубрежни заболувања. Според податоците на Светската здравствена организација, околу една од три возрасни лица на возраст од 30 до 79 години во светот, односно приближно 1,4 милијарди луѓе, имаат хипертензија.
