Италијанските власти подготвуваат измени на сообраќајните прописи со кои сакаат да стават крај на возачите што неоправдано го забавуваат сообраќајот во лентите за претекнување. Според предложените измени на италијанскиот Закон за сообраќај, се планира воведување минимална брзина на движење во крајната лева лента.
Правилото ќе важи само на патишта со најмалку три ленти
Предложената мерка ќе се однесува исклучиво на автопатиштата и главните патишта надвор од населените места, кои имаат најмалку три сообраќајни ленти во секоја насока. На овие делници возачите во третата лента ќе мора да одржуваат брзина од најмалку 100 километри на час. Во спротивно, ќе ризикуваат парична казна од 40 до 160 евра.
Целта на предлогот е да се спречи непотребното задржување и бавното возење во лентите наменети за претекнување. На италијанските автопати, како и во други земји, често се случува возачите да се движат со 80 или 90 километри на час во средната или левата лента, иако десната лента е целосно слободна. Таквото однесување создава метеж, го забавува протокот на возила и значително го зголемува ризикот од сообраќајни незгоди.
И покрај планираното воведување минимална брзина, возачите и понатаму ќе имаат обврска по завршувањето на претекнувањето да се вратат во крајната десна слободна лента. Возењето побрзо од 100 километри на час нема да им дава право без причина постојано да остануваат во левата лента. Новите правила сè уште се во законодавна процедура и не се стапени во сила.
