Дали Америка добива нов Барак Обама? Џон Ософ по изборната победа веќе се споменува за кандидат за претседател за 2028

Сенаторот од Џорџија го победи кандидатот поддржан од Доналд Трамп со речиси 750.000 гласови разлика, а за само едно деноноќие пораснаа и неговите шанси за демократската претседателска номинација во 2028 година. Пред да влезе во Сенатот, Ософ немаше освоено ниту една изборна функција, а неговата биографија ги поврзува Капитол Хил и истражувачките документарци за воени злосторства.
epa13351566 Jon Ossoff gestures during the election night watch party for his campaign for Senate in Atlanta, Georgia, USA, 03 November 2026. Ossoff and his supporters gather to follow the election results live throughout election night. EPA/CRISTOBAL HERRERA-ULASHKEVICH

Џон Ософ, демократскиот сенатор од Џорџија, излезе од среднорочните избори на 3 ноември како еден од најголемите добитници на изборната ноќ, во која демократите, според проекциите на американските медиуми, го освоија мнозинството во двата дома на Конгресот. С

поред неофицијалните резултати, Ософ освоил околу 59 отсто од гласовите, наспроти 41 отсто за републиканецот Мајк Колинс, кандидат поддржан од Доналд Трамп. Разликата изнесува речиси 750.000 гласови. Според коефициентите што ги пренесува британскиот „Индипендент“, неговите шанси да ја добие демократската претседателска номинација пораснале за девет процентни поени во само едно деноноќие, достигнувајќи 24 отсто. Проценетите шанси да победи на претседателските избори во 2028 година се зголемиле од 10,5 на 18 отсто, што е четири процентни поени повеќе од оние на Александрија Окасио-Кортез и пет повеќе од оние на потпретседателот Џеј Ди Венс.

Томас Џонатан Ософ е роден на 16 февруари 1987 година во Атланта, во семејство со еврејско потекло од таткова страна и мајка имигрантка од Австралија. Средното образование го завршил во приватното училиште „Паидеја“ во Атланта. Уште на 16-годишна возраст, откако ја прочитал биографијата на легендата на движењето за граѓански права Џон Луис, успеал да го убеди конгресменот да го прими како волонтер во својата канцеларија. Таа средба подоцна му ја отвори вратата кон политиката.

Студирал на Факултетот за надворешна служба при Универзитетот Џорџтаун, со намера да стане дипломат, а дипломирал во 2009 година. Уште како 19-годишен бруцош, по препорака на соработниците на Луис, се приклучил на кампањата на Хенк Џонсон, кој во 2006 година ја предизвика актуелната конгресменка Синтија Мекини на партиските избори. По победата на Џонсон, Ософ работел во неговата канцеларија од 2007 до 2012 година како советник за национална безбедност, надворешна политика и одбрана. Потоа се преселил во Лондон, каде што во 2013 година магистрирал меѓународна политичка економија на Лондонската школа за економија, со теза посветена на трговските односи меѓу САД и Кина.

Наместо во дипломатијата, следните осум години ги поминал во новинарството. Од 2013 до 2021 година бил генерален директор на „Инсајт ТВИ“, лондонска продукциска куќа за истражувачки документарци, основана во 1991 година од поранешниот новинар на Би-би-си, Рон Макалах. Ософ го запознал Макалах уште како 16-годишник, за време на семеен одмор во Франција. Компанијата, добитничка на повеќе награди „Еми“, снимала истражувачки документарци за корумпирани судии во Гана и за злосторствата на Исламската држава во Ирак.

Во политиката влезе со голема медиумска видливост во 2017 година, кога се кандидираше на вонредните избори за Претставничкиот дом во шестиот изборен округ на Џорџија. Тоа беше првиот голем изборен тест по доаѓањето на Трамп на власт. Во првиот круг, меѓу 18 кандидати, за малку не ја надмина границата од 50 отсто, но во вториот круг загуби од републиканката Карен Хендел. Трката остана запаметена како дотогаш најскапата во историјата на изборите за Претставничкиот дом. Противниците тогаш му забележуваа дека не живее во изборниот округ во кој се кандидира и дека нема претходно изборно искуство.

Вистинскиот пробив дојде три години подоцна. Во вториот круг, одржан на 5 јануари 2021 година, го победи дотогашниот сенатор Дејвид Пердју со 50,6 наспроти 49,4 отсто од гласовите. Со истовремената победа на Рафаел Варнок, демократите го презедоа Сенатот, во кој односот на силите беше 50 наспроти 50, а одлучувачкиот глас го имаше потпретседателката на САД. Ософ положи заклетва на 20 јануари 2021 година, на 33-годишна возраст. Стана најмладиот сенатор по Џо Бајден, кој ја презеде функцијата во 1973 година, и првиот Евреин што ја претставувал Џорџија во Сенатот.

Во Сенатот се профилираше преку истраги и антикорупциска агенда. Како претседател на Постојаната подкомисија за истраги, водеше истраги за злоупотреби врз жени во федералните затвори и притворските центри. Долго време се залага за забрана членовите на Конгресот да тргуваат со акции. Дури и дел од републиканските функционери во Џорџија позитивно ги оценуваат услугите што неговата канцеларија им ги обезбедува на граѓаните. Во 2017 година се ожени со Алиша Крамер, својата девојка од средношколските денови, која е лекарка. Имаат две деца.

Изборната трка во 2026 година се сметаше за една од најнеизвесните во земјата. Ософ беше единствениот демократски сенатор што го бранеше своето место во држава во која Трамп победи на претседателските избори во 2024 година, па републиканците го сметаа за ранлив. Колинс, кој ја доби партиската номинација по втор круг и со поддршка од Трамп, ја насочуваше кампањата кон гласањата на Ософ за време на администрацијата на Бајден, обвинувајќи го за инфлацијата. Ософ, пак, ги истакнуваше царините на Трамп и војната со Иран, како и објавите со белонационалистичка содржина што ги споделувал зетот на Колинс. Во говорот по победата, Ософ го нарече Трамп неуспешен претседател. За можноста да се кандидира во 2028 година досега постојано тврдеше дека нема никаков интерес.

Споредбите со Трамп најнапред се однесуваат на возраста и политичкото искуство. Трамп, роден во јуни 1946 година, наполни 80 години и во јануари 2025 година стана најстариот претседател во историјата на САД при преземањето на функцијата. Ософ, пак, во јануари 2029 година би имал 41 година и, доколку биде избран, би станал најмладиот претседател во историјата на земјата, помлад и од Џон Кенеди, кој положи заклетва на 43-годишна возраст. Двајцата влегоа во изборната политика без претходно освоена изборна функција. Трамп дојде од бизнисот со недвижности и телевизијата, без претходно искуство во државната служба, додека Ософ пет години работеше како советник во Конгресот. Американските медиуми, сепак, почесто го споредуваат со Барак Обама, кој за само четири години помина пат од сенатор до претседател на САД.

Џорџија е и државата во која политичките патишта на Трамп и Ософ веќе се вкрстија. Трамп ги загуби изборите во 2020 година во оваа држава со разлика од околу 12.000 гласови, по што, во телефонски разговор, побара од државниот секретар Бред Рафенспергер да ги „најде“ гласовите што му недостигале за победа. Во 2024 година ја освои Џорџија со разлика од околу два процентни поена. Две години подоцна, Ософ во истата држава го победи кандидатот поддржан од Трамп со разлика од речиси 18 процентни поени.


Сепак, бројките од пазарите за предвидувања се променливи и не треба да се толкуваат како сигурна прогноза. На почетокот на 2026 година, платформата „Полимаркет“ му даваше на Ософ помалку од четири отсто шанси да ја добие демократската претседателска номинација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс