Во Скопје ќе биде промовирано македонското издание на книгата „Антиродови мобилизации во постјугословенскиот простор: скриена врска“

Книгата, објавена од академскиот издавач „Палгрејв Мекмилан“, ги истражува антиродовите движења во постјугословенските општества, но и солидарноста и поврзаноста на феминистичките и квир движењата во регионот.

Македонското издание на книгата „Антиродови мобилизации во постјугословенскиот простор: скриена врска“ ќе биде промовирано на 10 ноември во „Паблик рум“ во Скопје, во организација на Фондацијата „Хајнрих Бел“. Книгата првично беше објавена на англиски јазик во 2026 година од академскиот издавач „Палгрејв Мекмилан“, а нејзиното објавување на македонски јазик е овозможено со поддршка на Фондацијата „Хајнрих Бел“.

Публикацијата неодамна ја доби и Наградата за научна извонредност за 2026 година на Словенечката истражувачка агенција.

Книгата го истражува подемот и различните облици на антиродовите движења во постјугословенскиот простор, регион обележан од заедничкото историско минато, насилното распаѓање на Југославија и процесите на ретрадиционализација и репатријархализација. Авторите анализираат како овие општествени и политички процеси создаваат услови за ширење на антиродовите идеологии.

Истовремено, публикацијата ја истакнува солидарноста, отпорот и поврзаноста меѓу феминистичките и квир движењата во регионот, односно „скриената врска“ што ги поврзува и во сложени политички околности. На промоцијата ќе учествуваат уредниците на изданието Адријана Захариевиќ и Роман Кухар, како и авторите на поглавјето посветено на Северна Македонија – Ирена Цветковиќ, Славчо Димитров и Мања Величковска.


Настанот ќе се одржи од 18:30 до 19:30 часот во „Паблик рум“ во Скопје. За присутните ќе бидат обезбедени бесплатни примероци од книгата. По промоцијата ќе бидат одбележани и десет години од работата на Фондацијата „Хајнрих Бел“ во Северна Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс