Сопственикот на Алта банка негира вина: „Немам никаква врска со трезорот“

Сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, кој беше уапсен под сомнение дека ја оштетил банката за дури 45 милијарди динари, бил сослушан во Обвинителството за организиран криминал во Србија, дознава „Еуроњуз Србија“. Сослушувањето започнало во 23 часот, а Мацура во својата одбрана негирал дека го сторил делото што му се става на товар.

Неговиот адвокат Ахмед Делимедац потврдил за медиумот дека Мацура ја негирал вината и ја изнел својата одбрана, во која изјавил: „Немам никаква врска со трезорот“. По сослушувањето, Обвинителството за организиран криминал поднело официјален предлог за определување притвор. Вишиот суд во Белград потоа му одредил притвор до 30 дена на одговорното лице во „Алта банка“, Давор Мацура. Иста мерка им е одредена и на директорот на Одделот за трезор и управување со готовина, со иницијали Г.М., како и на соработникот за трезорско работење, со иницијали И.П.

По приведувањето на Мацура, неговиот адвокат Ахмед Делимедац изјавил за „Еуроњуз Србија“ дека неговиот клиент сам се одѕвал на повикот и целосно соработувал со надлежните органи.

„Претресот на банката траеше од саботата, од 16 часот, до понеделникот наутро. Бевме со него од моментот кога беше повикан да дојде во банката, по што не му беше дозволено да ги напушти просториите. Цело време присуствуваше на претресот, на кој самиот се одѕва. Никој не го бараше, ниту тој се обиде да избега или нешто слично. Цело време беше присутен за време на претресот и во тој поглед немаше никакви проблеми, за разлика од некои наслови во медиумите“, изјавил Делимедац.

Сомнежи за изнесување пари од трезорот

По налог на Обвинителството за организиран криминал, во соработка со полициските служби на Управата за криминалистичка полиција, Службата за борба против организиран криминал и Одделот за сузбивање организиран финансиски криминал, биле лишени од слобода три лица, меѓу кои и сопственикот на банката Давор Мацура.

Според официјалното соопштение на обвинителството, приведени се одговорното лице во „Алта банка“ АД Белград, Давор Мацура, директорот на Одделот за трезор и управување со готовина Г.М. и соработникот за трезорско работење И.П.

Претресите во просториите на банката и во станбениот простор на осомничениот Мацура биле извршени на 31 октомври и 1 ноември 2026 година. Во рамките на акцијата бил извршен и детален попис на готовината во трезорот.

Според обвинителството, постојат основи на сомнение дека Мацура го сторил кривичното дело злоупотреба на положбата на одговорно лице, предвидено во член 227, став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека другите двајца осомничени му помогнале во извршувањето.

Се сомнева дека Мацура ги пречекорил границите на своите овластувања, а Г.М. и И.П., како лица задолжени за непосредно ракување со вредностите во трезорот, му овозможувале неовластен пристап. Според наводите на истрагата, тие му ги предавале картичките за влез или со своето присуство му овозможувале пристап до трезорот „Депо“, од каде што Мацура наводно изнесувал пари и стекнал противправна имотна корист од околу 45 милијарди динари.


Станува збор за сомнежи што треба да бидат утврдени во судска постапка. Мацура ја негира вината.

е-Трн да боцка во твојот инбокс