Познатиот њујоршки хотел „Плаза“ се затвора на најмалку четири години

Легендарниот хотел, отворен во 1907 година, ќе престане со работа во јануари 2027 година поради голема реконструкција и реставрација на фасадата. Речиси 400 вработени ќе мора привремено да најдат друга работа, а повторното отворање не се очекува пред 2031 година.

Еден од најпрепознатливите симболи на Њујорк, хотелот „Плаза“, ќе ги затвори вратите во јануари 2027 година, најмалку на четири години. Обемната реконструкција ќе биде насочена кон обновување и заштита на фасадата на историската зграда, која со децении е симбол на американскиот луксуз, архитектурата и поп-културата.

Зградата на аголот меѓу Петтата авенија и Централ парк е дело на архитектот Хенри Џејнвеј Харденберг. Хотелот бил отворен на 1 октомври 1907 година, по 27 месеци изградба, која чинела 12,5 милиони тогашни долари. Монументалното здание е изградено во стилот на француските ренесансни дворци.

Препознатливата мермерна основа, белата тула и карактеристичниот мансарден покрив придонеле хотелот во 1969 година да добие статус на официјално обележје на градот Њујорк.

Но, неговото значење одамна ја надминува архитектонската вредност. Со децении „Плаза“ била средиште на општествениот живот и поп-културата.

Писателот Ф. Скот Фицџералд и неговата сопруга Зелда биле редовни гости во периодот на џезот, а хотелот е овековечен и во романот „Големиот Гетсби“. Во 1964 година, за време на првата посета на „Битлси“ на Соединетите Американски Држави, илјадници обожаватели се собрале пред хотелот.

„Плаза“ била и филмска локација за неколку познати класици, меѓу кои „Север-северозапад“ на Алфред Хичкок, „Сам дома 2: Изгубен во Њујорк“ и „Бесони во Сиетл“. Нејзиното значење се протега и надвор од светот на забавата. Во 1985 година во хотелот бил потпишан меѓународниот Договор од „Плаза“, со кој водечките светски економски сили се договориле за девалвација на американскиот долар.

Комплексна реставрација на архитектонското обележје

Раководството на хотелот најавило дека целиот објект ќе биде затворен на 19 јануари 2027 година, најмалку четири години, за да се спроведат детална санација и реставрација на фасадата.

Работите ќе опфатат обновување на оштетените глазирани бели тули, декоративните архитектонски елементи од теракота и мермерните блокови, кои побрзо пропаѓаат поради изложеноста на временските услови.

Комплексноста на проектот бара поставување скелиња по целата должина на зградата. Поради безбедносни причини, ќе бидат прекинати сите хотелски активности, вклучително и работата на познатиот ресторан „Палм корт“.

Бидејќи фасадата има статус на заштитено културно обележје, сите интервенции мора да бидат во согласност со насоките на Комисијата за зачувување на знаменитостите на Њујорк. „Обемот и сложеноста на работите на фасадата бараат детално планирање и координација со релевантните чинители, со почитување на важечките барања за зачувување на историските споменици“, се наведува во официјалното соопштение на управата на хотелот.

Претставниците на Комисијата соработуваат со проектните тимови за да се осигурат дека обновата ќе ја зачува автентичноста на архитектонските детали.

Ова не е првпат хотелот да поминува низ големи промени. Меѓу 2005 и 2008 година бил затворен поради реновирање вредно 450 милиони долари. Во текот на таа реконструкција, дел од огромниот објект бил претворен во луксузни приватни станбени единици. Сепак, претстојната санација првенствено е насочена кон заштита на историската надворешност на зградата, за њујоршкото архитектонско обележје да го зачува својот препознатлив изглед.

Што ќе се случи со вработените и гостите?

Сегашен сопственик на зградата е катарската компанија „Катара хоспиталити“, која го купила престижниот имот во 2018 година. Сопствениците на 181 приватен стан во рамките на истиот објект нема да мора да се иселат за време на повеќегодишните градежни работи.

Сосема поинаква е ситуацијата со речиси 400 вработени во хотелот, кои ќе мора да најдат привремено вработување додека објектот не работи. Надлежниот синдикат потврдил дека е постигнат договор според кој сите вработени имаат загарантирано право да се вратат на своите работни места по повторното отворање на хотелот, кое не се очекува пред 2031 година. Тие ќе имаат и предност при вработување во други локални хотели во периодот додека трае реконструкцијата.


Веста за затворањето предизвикала проблеми и кај бројни парови што веќе имале закажано свадби во познатите хотелски сали. Кристина Карни, чија свадба била планирана за мај, за американските медиуми изјавила дека за затворањето дознале од вестите, а не директно од раководството на хотелот. Нејзината организаторка на свадби, Алиса Петинато, рекла дека сега ќе мораат да го започнат планирањето од почеток и во краток рок да најдат нова соодветна локација за церемонијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс