Џ.Д. Венс сепак ќе отпатува во Пакистан на нова рунда разговори за Иран, каде што ќе му се придружат специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на претседателот Џаред Кушнер, потврди Белата куќа. Ова соопштение дојде откако претседателот Доналд Трамп објави дека потпретседателот нема да присуствува на преговорите, што предизвика забуна околу составот на американската делегација, пишува CNN.
Имено, претседателот Трамп претходно изјави за „MS Now“ дека Венс нема да оди на преговорите од безбедносни причини. Таа изјава предизвика забуна околу тоа кој точно ќе ги претставува САД во Исламабад, при што Трамп рече само дека неговите „претставници“ пристигнуваат таму утре вечер.
Иран ја одби втората рунда преговори поради прекумерните барања на Вашингтон
Иран одби да учествува во втората рунда мировни преговори поради, како што вели, прекумерните барања на Вашингтон, нереалните очекувања, постојаните промени во ставовите, повторуваните противречности и сегашната поморска блокада, која ја смета за кршење на прекинот на огнот, објави државната новинска агенција ИРНА.
„Под такви околности, нема изгледи за успешни преговори“, се вели во објавата на Телеграм, без да се именува конкретен функционер или институција.