Германскиот производител на батерии Варта денес потврди дека поднел барање за стечај, наведувајќи слаба побарувачка и губење на клучен клиент. Компанијата поднела четири одделни барања, соопшти портпаролот на Окружниот суд во Штутгарт. Варта наведе дека барањето ги опфаќа и нејзините подружници.
Ројтерс објави дека Варта планира да поднесе барање за стечај, откако нејзините акционери, производителот на спортски автомобили Порше и австрискиот инвеститор Мајкл Тојнер, одбиле да обезбедат дополнителни средства. Тоа се случило еден ден пред официјалната потврда од компанијата.
Управата на Варта во образложението наведе слаба побарувачка, неповолни валутни курсеви и губење на клучен клиент. Американскиот Епл планира отсега ќе набавува батерии „CoinPower“ за своите слушалки АирПодс од Кина, наместо од германскиот производител.
Варта наведува дека вработува околу 3.200 работници, најмногу во седиштето во Елванген. Компанијата би можела да биде поделена. Клучните доверители, вклучувајќи ја Дојче банк, планираат да го преземат профитабилниот дел од бизнисот со батерии за домаќинство. Тојнер, пак, покажа интерес за одделот за микробатерии.
Последниот финансиски извештај на компанијата е објавен во 2024 година. Тогаш е забележан приход од околу 793 милиони евра и загуба од 64,5 милиони евра. Освен батерии за домаќинство, групацијата произведува и микробатерии за слушни апарати, како и системи за складирање енергија, наведува агенцијата dpa.