Црногорската книжевна теоретичарка Валентина Кнежевиќ на резиденцијален престој во Скопје

Книжевната теоретичарка и уредничка Валентина Кнежевиќ престојуваше во Скопје во рамки на книжевна резиденција организирана од Готен и поддржана од мрежата Традуки. Престојот беше насочен кон поврзување на македонската и црногорската книжевна сцена и отворање нови можности за регионална соработка.

Валентина Кнежевиќ, книжевна теоретичарка и уредничка на книжевната програма во Културно-информативен центар Будо Томовиќ, во текот на мај престојуваше во Скопје како дел од книжевна резиденција организирана од Готен, со поддршка од европската мрежа за книги и превод Традуки.

Нејзиниот престој бил дел од професионален интерес за подетално запознавање со современата македонска книжевна сцена и за вклучување на македонски автори во програмите и фестивалите што ги организира во Подгорица. За време на резиденцијата, Кнежевиќ остварила средби со домашни писатели, издавачи, преведувачи и културни работници, со цел подобро да ги согледа актуелните книжевни текови и регионалните можности за соработка.

Таа посочува дека особено силен впечаток врз неа оставила блиската соработка меѓу македонските автори, преведувачи, фестивалски организатори и издавачи, како и поврзаноста на книжевната сцена со регионалните културни иницијативи.

Освен во Скопје, Кнежевиќ за време на престојот ги посетила и Охрид, Велестово и Куманово, а како што вели, воспоставените контакти отвораат простор за нови книжевни врски меѓу Македонија и Црна Гора преку фестивали, гостувања, преводи и заеднички издавачки проекти.

Валентина Кнежевиќ дипломирала светска книжевност и теорија на Универзитетот во Белград, а во својата кариера работела како културен новинар во повеќе црногорски медиуми. Од 2012 година е уредничка на книжевната програма во КИЦ „Будо Томовиќ“, каде организира литературни настани и иницијативи.

Таа е координатор и на Форумот на млади писатели во Подгорица, како и главна уредничка на регионалниот фестивал LiTeritorija. Во изминатите години учествувала и во повеќе меѓународни книжевни проекти, преведувачки иницијативи и жири-комисии поврзани со современата литература и културната соработка во регионот и Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс