Според податоците на Министерството за здравство, досега се пријавени над 60 илјади граѓани за вакцинација против сезонски грип, а повеќе од 8 илјади лица веќе се вакцинирани низ државата.
Вакцинацијата се спроведува на 35 вакцинални пункта, од кои пет се во Скопје, а сите заинтересирани граѓани можат да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар.
„Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население – повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита и нивните вработени“, соопштуваат од Министерството.
Покрај редовната вакцинација, превентивни тимови од здравствени установи започнаа со теренска работа, вршејќи вакцинација во домашни услови за повозрасни, неподвижни и лица со попреченост.
Оваа мерка има цел да го олесни пристапот до здравствена заштита и да го зголеми опфатот на ризичните категории во текот на есенскиот период.